Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, пред два дена испратил телеграма до сите раководители на организациските единици во рамките на МВР да не ги врачуваат решенијата за распределување работници што ги потпишал неговиот претходник Оливер Спасовски.
Во телеграмата Чулев им посочува да почекаат да добијат насоки за понатамошно постапување.

Дополнителната заменичка Славјанка Петровска, пак, истиот ден му пишала на Чулев дека во телеграмата не навел која е законската основа за таквото барање до раководителите.
„Ве известувам дека не е наведен законски основ врз основ на кој се бара да не им се врачуваат решенијата. Истовремено укажувам дека поединечен правен акт донесен врз основа на закон не може да се суспендира со телеграма“,
пишала Петровска во писмото до Чулев.

Ова не е прв судир на Чулев и Петровска откако на 3 јануари ги добија функциите во техничката влада.
Едно од последните несогласувања е и околу тоа кој да биде прв човек на скопската полиција. Чулев за началник на СВР Скопје го именуваше Ристе Ставревски, но Петровска не се согласува зашто, како што вели, тој бил дел од „бомбите“ што во 2015 година ги објавуваше СДСМ, кои сугерираат дел бил упартијата од која таа е номинирана за дополнителна заменик-министерка.
Претходно, тие се препукуваа и за состојбите во криминалистичката полиција. Два дена по стапувањето на функцијата, Чулев во интервју за ТВ „Алфа“, рече дека дел од раководниот менаџмент на МВР, кој е ангажиран во криминалистичката полиција, е во спрега со криминалните структури. Тој рече дека постојат информации дека дел од раководните лица се наоѓаат на платен список на криминалци со цел да издаваат информации за ПИ-мерки кон нив, како и да дојавуваат кога министерот планира апсења или приведувања.
Петровска, пак, реагираше и ги отфрли како целосно невистинити зборовите на Чулев, велејќи дека иако ВМРО-ДПМНЕ најави нов лик, партијата не ги заборава старите навики. Таа обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжува со намерното ширење лаги дека во МВР не постои компаративна статистика за состојбата со криминалитетот во периодот додека на чело на МВР беше Оливер Спасовски.
Наспроти низата судири, тие денеска пред новите раководители и нивните дополнителни заменици се претставиле во хармонично светло, барем со таков тон е напишано соопштението за јавноста.

„Чулев и Петровска ја потенцираа добрата меѓусебна соработка и посочија дека таквата соработка треба да биде пример и за другите раководители, кои мора да соработуваат во интерес на граѓаните“,
пишува во соопштението на МВР.
Состанокот бил со раководителите што ги назначи Чулев и со нивните дополнителни заменици, кои се предлог на Петровска. Тие се поставени согласно Законот за Владата кој му дава право на Чулев да „изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања … на носители на раководна позиција во Министерството“.
Од 15, на Чулев му остануваа уште три можности за нови назначувања. Списокот на досега направените промени можете да го прочитате ТУКА.