Измените на Законот за лекови ги поддржаа и опозициските пратеници
Со 70 гласа „за“ Собранието попладнево ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства, по скратена постапка, кои се однесуваат на регулирање на увозот на вакцини за ковид-19 во земјата.
Законот беше поддржан и од опозициските пратеници.
Измените се однесуваат на делот кој сега овозможува барањето за регистрација на некој лек (во случајов вакцината против ковид-19), покрај претходно предвидената одредба за правни лица, да може да го поднесе и производител на лекови со регистрирано седиште надвор од територијата на земјата, правен застапник на странски производител, подружница на странски производител и трговско претставништво на странски производител, исто така со регистрирано седиште надвор од територијата на нашата земја.
Опозициските пратеници во дискусијата рекоа дека во овој случај Владата покажала несериозност бидејќи ваквите измени требала да ги поднесе многу порано, со што, според нив, ќе се овозможеше влез на овие вакцини во земјата досега.
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ ги обвини министерот за здравство Филипче и премиерот Зоран Заев за доцнењето на вакцините.
„Не може министер за здравство да не знае како се увезуваат вакцини, освен ако провизиите не му се побитни“,
рече Милошоски.
Ненад Коциќ од СДСМ рече дека тоа што Србија почнала порано со вакцинација е бидејќи кај нив е седиштето на „Фајзер“ за регионот, како и дека во времето на претходната власт од 2012 година до 2016 година од земјава биле повлечени претставништва на неколку фармацевтски компании поради нелојална конкуренција.
Измени по барање на „Фајзер“
Измените што денеска ги изгласа Собранието се прават по барање од компанијата „Фајзер“, за таа да може директно да ја увезува вакцината против ковид-19, а не да мора да склучува договори со локални компании. Од компанијата, всушност, бараат директно да аплицираат до надлежните институции во земјата увозник за регистрација.
Вака министерот за здравство Венко Филипче минатиот месец ја објасни причината зошто за увоз на вакцините од „Фајзер“, од кои првите 8 000 ќе ги добиеме од Србија, а потоа и за останатите 800 000 што сме ги нарачале мора да се менува Законот за лекови.
Но, тој вели дека нашата земја не е уникатен пример за вакво барање од компанијата „Фајзер“, туку тоа е нејзин принцип на глобално нив.
Од друга страна, Филипче рече дека дури и со ова нема пречка вакцините да стигнат во земјава бидејќи постојат други процедури, како што е интервентен увоз, што значи дека не се прави регистрација на лекот, во случајов вакцината.