За разлика од градоначалничката на Тетово, која вели дека одлуката за нејзина евентуална нова кандидатура зависи од нејзината партија, скопскиот градоначалник Шилегов отворено соопшти дека ќе побара поддршка од врвот на СДСМ за втор мандат
Ако ДУИ, на годинешниве локални избори, реши по третпат да оди со истата кандидатка за градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, нема да ја одбие понудата.
Таа изјави денеска дека нема да ѝ каже „не“ на нејзината партија доколку ја предложи повторно за кандидатка за градоначалничка.
„За мене е важно да ги заокружам и завршам обврските кои се преземени за овој мандат. Во однос на кандидирањето, партијата прави анализи и фактички партијата да одлучи кого ќе кандидира. Јас не сум рекла никогаш не, кога ми е речено дека сум најдобриот кандидат за добивање избори. Лично, никогаш не сум побарала, но во однос на работењето имам обврска што треба да ги завршам како градоначалник“,
изјави Арифи.
За големите долгови на општината, таа рече дека треба да бидат репрограмирани.
„Наша политика е да не одиме над тоа ниво на задолжување, туку да го задржиме и исто така да работиме и реализираме проекти. Треба да се има во предвид и целосниот тренд, во однос на долговите и задолжувањата во цела држава и тенденциите што се во светот. Од тој аспект за нас е важно да бидеме дел на пошироки политики во однос на градење на државни политики кон репрограмирање на долгот. Тетово е со најголем број на вработени во администрацијата и тоа не треба да се потцени кога зборуваме во едни пошироки контури за задоженоста на општината. Треба да има поширока дебата за статусот на вработените, не само во општината туку во цела држава“,
рече Арифи.
Таа досега извојува две победи во градоначалничката трка за Тетово, на локалните избори во 2013 и во 2017 година.
На изборите пред 3,5 години, таа како заедничка кандидатка на ДУИ и на СДСМ влезе во вториот изборен круг заедно со лидерот на Беса, Билал Касами, сегашен коалициски партнер во Владата.
Претходно, Арифи неколку мандати беше пратеничка на ДУИ, а пред да стане градоначалничка во 2013 година, беше вицепремиерка за европски прашања во владата на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.
Со исклучок на неколку општини, како Гостивар (Алијанса за Албанците) и Кавадарци, Илинден, Петровец (ВМРО-ДПМНЕ) речиси целата локална самоуправа во земјава во последните три и пол години е под контрола на СДСМ и на ДУИ, кои настапуваа со заеднички кандидати за градоначалници во 2017 година, а со посебни листи на кандидати за советници.
Годинешниве локални избори треба да се одржат наесен, а амбиција за нов мандат неодамна искажа и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој, исто така како заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ во 2017 година однесе победа во првиот круг.