Неколку сведоци во случајот за финансирање на ВМРО-ДПМНЕ денеска говореа за тоа како се уплаќале донации за тогашната владејачка партија
Неколку сведоци на обвинителството денеска се појавија на судското рочиште за предметот „Талир 1“, кој се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие говореа за уплатите што ги правеле и уплатници на кои ги има нивните податоци, околу кои беа прашањата на обвинителката Ленче Ристоска.
Член на ВМРО-ДПМНЕ од Општина Петровец, Горанчо Ангеловски, зборуваше како од штабот на ВМРО-ДПМНЕ му давале пари и уплатници во коверт, а тој ги уплаќал во банка.
„Во коверт беа уплатниците и парите. Ракописот и потписот не се мои, сумата е моја. По уплатата во банка, ги вратив уплатниците во штабот“,
рече сведокот откако ги виде уплатниците.
Судијата Осман Шабани, пак, праша колку пати тој плаќал членарина.
„Мене членарината ми се одбиваше од плата, мислам дека беше 160 денари месечно“,
рече сведокот.
На прашање за донациите, пак, тој рече дека донирал само еднаш во 2015 година и тоа сума од 20 000 денари која ја дал во штабот.
Друг сведок, пак, зборуваше дека ниту бил член ниту некогаш давал пари за ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, има уплатница со негови податоци.
„Податоците се мои, ракописот и потписот не се мои“,
рече сведокот.
Одбраната, пак, неколкупати приговараше за тоа дали доказите биле прибрани во рокот од 18 месеци според Законот за СЈО, а сакаше на сведоците и да им ги предочи исказите дадени во текот на истрагата. Но судијата Осман Шабани им рече дека тоа може да го направи обвинителството бидејќи тоа е нивни сведок во случај да сака да го прогласи за непријателски.
„Има снимка, слободно нека ја гледаат во Стразбур”,
им рече судијата на адвокатите кога тие побараа нивните забелешки да влезат во записник.
Случајот „Талир“ е во доказна постапка во фаза кога сѐ уште се сослушуваат сведоци предложени од одбраната.
Обвинението се однесува на незаконско финансирање на партијата и со него се опфатени Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект, кои се товарат само за перење пари.
На листата обвинети првично се најде и Елизабета Чингаровска, но на неа не ѝ се суди бидејќи се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.