Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани
Националниот план за вакцинација протви ковид-19 беше разгледан и усвоен на денешната владина седница. Министерството за здравство и други надлежни институции се задолжија да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.
Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани.
Фазите, како што појаснуваат од владината прес-служба, ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.
„За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови“,
се вели во соопштението.
Националниот план, појаснуваат, опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.