Позицијата народен правобранител е испразнета подолго од еден месец, откако Иџет Мемети, неколку дена пред истекот на неговиот втор мандат, беше „прекомандуван“ во член на Советот на обвинители
Две седмици по „номинацијата“ на Насер Зибери за народен правобранител, Собранието денеска ќе се обиде да ја пополни оваа позиција, која е празна подолго од еден месец.
Изборот на Зибери за народен правобранител е на дневен ред на седницата што почнува денеска, за која треба да се обезбедат минимум 61 глас, како и Бадентерово мнозинство од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници.

Проценките се дека ако сите пратеници од мнозинството присуствуваат на денешната седница, со исклучок на пратеникот на СДСМ кој е заразен со ковид-19, тогаш ќе има точно 61 глас за избор на Зибери.
Исто така, и покрај противењето на опозициската коалиција „Алијанса за Албанците/Алтернатива“ на тоа кандидатот на ДУИ за премиер (на неодамнешните парламентарни избори) да стане омбудсман, извесно е дека владејачките партии – ДУИ и Беса – со поддршка на дел пратеници на СДСМ кои се од помалите етнички заедници во земјава, може да го постигнат и потребното Бадентерово мнозинство за избор на Зибери.
Позицијата народен правобранител е испразнета подолго од еден месец. Иџет Мемети, кој 16 години ја извршуваше оваа функција, неколку дена пред истекот на неговиот втор мандат беше „прекомандуван“ во член на Советот на јавни обвинители.