Резултатот од првиот изборен круг ја натера владејачката СДСМ да најави промени.
„Секако дека ќе има чистка и секако дека ќе расчистиме.“
„Директно наредба испраќам до сите веднаш да се повлечат од работните места каде што се.“
„Пораката ја испративте, но немојте да ја казнувате државата.“
Ова се изјави на претседателот на СДСМ Зоран Заев дадени на неколку митинзи по првиот круг. Потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, пак, порача.
„Ние вчера ја чувме пораката на тие кои останаа дома.“
„На Стево не можат да му припишат минус.“
Дали овие ветувања ќе ги премислат оние што на 21 април останаа дома, да гласаат на 5 мај?
„Јас не знам колку едно ветување, за кое имате само две недели и во кои не можете да го спроведете, има мобилизаторска моќ. Сепак, да не се дадеше вакво ветување ќе беше полошо отколку јавното ветување дека ќе има некакви промени. Да не се дадеше ваквото ветување ќе беше протолкувано како комплетна нереспонзивност од страна на СДСМ и премиерот Зоран Заев, така да мислам дека ова е максимумот кој тој може да го стори помеѓу двата изборни круга. Меѓутоа мислам дека има еден корпус на гласачи кои ќе се алармираат во вториот круг, не затоа што сакаат да ја казнат Гордана Силјановска-Давкова како кандидат, туку ќе сакаат да го казнат ВМРО ДПМНЕ за да не побара предвремени парламентарни избори за да го потсетат дека местото сѐ уште му е во опозиција.“ – смета универзитетскиот професор Ненад Марковиќ.
„Се рабира, тука треба да се работи на две нивоа. Треба да се работи на планот на детектирање на сите недостатоци кои ги покажа Владата, локалната власт, различни структури на јавните претпријатија, а второ – да дадат гаранции, да се убедат граѓаните дека навистина промените ќе се случат. Давањето на метлата на фигуративен начин на премиерот, ајде сега чисти го теренот, реално и треба да се случи.“ – смета поранешниот министер и пратеник Насер Зибери.
Анализите за конкурентскиот табор, пак, велат дека дел од бојкотирачите на референдумот за името ги бојкотираа и претседателските избори. Силјановска-Давкова во нив препознава дополнителен контингент на гласови за вториот круг.
„Имам намера отворено да поразговарам со приврзаниците на „Бојкотирам“.“
„Ми пријдоа луѓе од „Бојкотирам“ со кои разговарав. Им објаснив дека од улица, од надвор ништо не може да се смени.“ – изјави Силјановска-Давкова.
„Не знаеме за колку гласови го оштетија ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека нивното убедување во вториот круг е тропање на погрешна врата. Мислам дека овие луѓе имаат јасен политички став и нема да отстапат од истиот или во најмала рака многу мал број од овие луѓе можете да убедите, бидејќи нивниот став е прилично ригиден, јасен и прецизен. Тие не сакаат да учествуваат во избори во држава која се нарекува Република Северна Македонија, што можеме да го сметаме за добро или лошо, не е важно каква оценка ние ќе дадеме, во контекст на вашето прашање, мене ми се чини многу тешко дека можат да бидат убедени да излезат на избирачките места.“ – вели универзитетскиот професор Ненад Марковиќ.
„Некои од нив, да, сега ќе бидат охрабрени од резултатот што го постигна Силјановска-Давкова во првиот круг и ќе го сменат мислењето и тие ќе се вклучат во изборниот процес. Еден дел, покрути, ќе останат на ставот дека не треба да учествува во изборниот процес под името Република Северна Македонија. Колкава ќе биде таа бројка премногу рано е да се утврди, но секако, некои од нив сѐ уште остануваат на ставот дека изборите треба да се бојкотираат.“ – смета поранешниот министер и пратеник Насер Зибери.
„Ќе ги повикам повторно и разочараните од СДСМ и оние од шарената револуција“ – изјави Силјановска-Давкова.
„Но и оние кои сѐ уште не се одлучуваат да ни ја дадат поддршката, но и оние кои се колебаат, а денес гледаат дека народот се обединува.“ – изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Мене ми изгледа најверојатна опција да им се обратите на Албанците. Дури мислам дека „Бојкотирам“ и „Шарена Револуција“ шансите да гласаат за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ се многу помали во вториот круг, отколку кај албанскиот корпус на гласачи, односно на Алијанса и на БЕСА, на кои, барем во догледна иднина, можете нешто да им ветите, некаква коалиција, бенефиции, дел од политичкиот споил кога ќе дојдете на власт, имате пазар. Со „Бојкотирам“ и „Шарена Револуција“ немате пазар.“ – смета универзитетскиот професор Ненад Марковиќ.
Да се придобијат гласовите на Албанците за вториот круг, особено на оние што гласаа за Блерим Река на 21 април, се чини дека е најголема битка и за двајцата кандидати, па започна и додворувањето.
„Ако ние добивме олкав број на гласови и ако на тие ги додадеме оние на господинот Блерим Река.“ – рече Силјановска-Давкова вечерта по завршувањето на првиот круг.
„Дали ни требаат гласовите на Блерим Река? Да! Ни требаат сите до еден.“ – порача Заев на митинг во општина Карпош.
„Мислам дека овој пат имаше еден извонреден албански кандидат каков што сме немале ние на изборите до сега.“ – додава Силјановска-Давкова.
„Сега слоганот треба малку да биде изменет – Maqedonia meriton president.“ – рече кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, на митинг во Тетово.
„Ако имаше синергија во ставовите во однос на катастрофалната внатрешна политика тоа беше меѓу господинот Река и мене. Ми недостига, искрено да кажам.“ – рече Силјановска-Давкова на една од претседателските дебати.
„Гласачите на Река не знаеме дали ќе излезат и не знаеме каде ќе го дадат својот глас. Постои некаква опција да коалицираат со ВМРО иако мислам дека е преоптимистичка варијанта Албанци, не да не гласаат за Гордана Силјановска-Давкова, туку за било кој кандидат на ВМРО ДПМНЕ. Тука во прашање не е кандидатот, во прашање е партиската позадина или поддршката што му се дава на кандидатот.“ – смета универзитетскиот професор Ненад Марковиќ.
„Додворувањето спрема албанските гласачи од страна на Силјановска-Давкова ќе биде уште поагресивно, но очигледно е дека успех на ова додворување не може да се очекува, со оглед на фактите што ги кажав малку порано, а има и уште едно прашање, таа сè уште не нуди ништо конкретно за гласачот Албанец, не нуди никаков елемент со кој ќе го диференцира албанскиот гласач, го става во корпусот на сите други, сака да ги третира како другите малцинства, а со ова Албанците не се согласиле никогаш.“ – смета поранешниот министер и пратеник Насер Зибери.
„Ние ги сметаме нашите гласачи за наши партнери оти тие гласови не се ниту само од Алијанса за Албанците, ниту само од БЕСА, ниту само од професорот Река. Тоа е комбинација од луѓето кои што беа подготвени да ја казнат ДУИ и двете патерици на поранешното ВМРО кои што сега се во власта. Сепак граѓаните ќе одлучуваат по квалитетите кои што ќе ги покажат двајцата кандидати.“ – рече генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, на телевизиски настап.
„Јас сум убеден дека поддршката за господинот Стево Пендаровски од албанскиот електорат ќе биде многу појака. Тие гласови не ги контролира ниту Река, ниту Села и Касами. Убеден сум дека и ако повикаат на поддршка за Силјановска-Давкова, има некои знаци од господинот Таравари дека идеолошки се поблиски, но јас сум убеден дека тие гласачи нема да ги послушаат. Напротив, ќе гласаат по свое убедување.“ – рече шефот на изборниот штаб на ДУИ, Изет Меџити.
Дали владиниот коалициски партнер ДУИ може да анимира повеќе гласачи во вториот круг? Колку кандидатот Албанец во првиот круг беше психолошка бариера за Албанците да не гласаат за друг кандидат?
„Кога се во прашање албанските гласачи и кандидати за претседател проблем за господинот Пендаровски во првиот круг имаше од две причини: прво, имаше контра-кандидат од албанска етничка припадност, а имаше за цел добивање албански гласови, што е прилично незгоден и контрадикторен пристап.“ – смета поранешниот министер и пратеник Насер Зибери.
„Прашање е дали ДУИ има такво некое дополнително депо на гласови кое кај нас, така, митски постои, видовме на референдумот дека не постои, кое во вториот круг би било активирано. Мислам дека повеќе лево настроени аналитичари, партиски симпатизери, сметаат дека вакво депо на гласови од уште некои дваесетина илјади сигурно постои. Јас не знам каде е тоа депо на гласови и единствениот начин да провериме дали постои е да го сочекаме вториот круг.“ – смета универзитетскиот професор Ненад Марковиќ.
Го проверивме мислењето на Албанците во Тетово – една од најголемите средини во кои тие се мнозинство.
„Да, ќе гласам. Затоа што треба да се избере претседател.
„Сигурно ќе излезам да гласам, јас сум граѓанин на оваа држава без оглед дали сум Албанец или Македонец.“
„Не заслужуваат да им дадеме глас. Ти кажав дека не заслужува ниту една партија. Во многу работи штета направија како ДУИ, така ДПА, исто и НДП. Зошто народот да излезе? Му го најдоа крајот.“
„Не се гледа дали е Албанец или Македонец. Битно е да се излезе и оној најдобриот да добие.“ – рекоа жителите Албанци на Тетово со кои поразговаравме.
Колкава ќе биде излезноста кај Албанците во вториот круг е тешко да се одреди според анкета со неколкумина направена на улица. Проблем да одредат имаат и професионалните агенции зашто нема податок колкумина се во државава, а колкумина се иселиле. Точниот одговор ќе го даде најпрецизната анкета – денот на изборите.
Напишете коментар