Спасовски е втор на листата и неговата нето-плата од таа на премиерот се разликува за помалку од 3 000 денари. Шахпаска, Шекеринска, Стефоска и Заев, пак, се функционерите кои имаат најдолг работен стаж
Владата на својата официјална веб-страница објави список со платите на премиерот, вицепремиерите и министрите за декември.
Во списокот има податок за нето-платата, додатокот за минат труд и вкупната нето-плата, како и информација за стажот на функционерите.
„Како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност, на оваа страница можете да ги проверите висините на платите на претседателот на Владата, замениците на претседателот на Владата и на министрите во Владата. Висината на платата на министрите е јавен податок“,
наведуваат од Владата.
Највисока нето-плата зема премиерот Зоран Заев. Таа вкупно изнесува 87 813 денари, од кои 8 973 се за минат труд. Премиерот е и меѓу првите пет со највисок стаж од 22 години.
Втор на списокот е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со вкупна нето-плата од 85 113 денари, за кого се нагласува дека има покачување на платата од 20%. Спасовски има работен стаж од 18 години.
Трета, според висината на платата, е министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, со 74 273 денари нето-плата, од кои 9 303 се за минат труд. Шахпаска е и министерката која зад себе има најдолг работен стаж од 28 години.
Министерките за одбрана и култура, Радмила Шекеринска и Ирена Стефоска, според висината на платата, се следни. Шекеринска зема 72 989 денари, а Стефоска 72 670. Тие се на врвот на листата и според стажот, министерката за одбрана има 24 години, а министерката за култура 23.
Следни на листата се вицепремиерите за европски и економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи, кои земаат идентична плата од 71 385 денари, а имаат и исти години на стаж – 19.
Првиот вицепремиер Артан Груби, пак, зема плата од 70 102 денари, а зад себе има 15 години работен стаж.
Останатите плати се движат од 68 до 70 000 денари.
Единствено под таа граница се двајцата министри за животна средина и за информатичко општество и администрација, Насер Нуредини и Јетон Шаќири, кои земаат најниски плати од 65 612, односно 65 292 денари. Кај министерот Шаќири во графата не е наведено дека има работен стаж.
Деталниот список со нето-платите може да го погледнете во продолжение:



