Заглавени помеѓу тендерите на власта за приватни џебови, мафијашкиот попис и продажбата на идентитетот, граѓаните губат уште една важна година од своите животи, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук најавувајќи ја и денешната средба со Јанша
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја продолжува својата мини-турнејата низ земјите од регионот со посета на Словенија, каде што, како што најави и на Фејсбук, ќе се сретне со тамошниот премиер Јанез Јанша, по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта.
Мицкоски, во статусот на Фејсбук, критикува дека овие европски земји одат со крупни чекори напред додека ние сѐ уште молиме за донации за вакцини против ковид-19.
„Земјата се подготвува за претседателство со ЕУ. Дискусиите се за водењето на зелените политики. Во здравството, владата на Словенија очекува до почеток на летото 70 проценти од вкупното население да биде вакцинирано против ковид. Словенија нарача 3 227 948 дози на вакцини. Светот оди напред со големи чекори! А кај нас главно е тоа што нема вакцини, освен оние што се добиени како донација, што е премала количина за вистинските потреби“,
напиша Мицкоски.
За време на престојот во Унгарија, пак, како што наведува, видел дека главниот предизвик на младите е како да ги усовршат системите за вештачка интелигенција и нивната примена во секојдневниот живот.
„Оваа 2021 година очекуваат економски бум, поголем од сите години претходно. Се зборува за новиот пакет од 5,18 милијарди долари евтини кредити кои ќе бидат на располагање на домашните бизниси како директна помош за економијата. Годината што измина економијата растеше со 4,9%, додека нашата е во рецесија“,
напиша Мицкоски.
Тој обвинува дека кај нас сѐ уште нема одговорност за случајот со пациентката која на породување изгуби три органи, додека, како што посочува, полицијата ги казнува оние што го чествуваат празникот Водици.
„Заглавени меѓу тендерите на власта за приватни џебови, мафијашкиот попис и продажбата на идентитетот, додека земјава стои во слепите сокачиња на патот кон ЕУ, граѓаните губат уште една важна година од своите животи во чекање, додека светот оди напред. Кажувам, доста е. Мора да им се стави крај на политичарите криминалци и на неспособноста. Иднината е наша и ќе се бориме за неа“,
потенцира Мицкоски.