На денешната владина седница е усвоен планот за распределување на административните службеници вработени преку програмата К5.
Како што најави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, новите решенија за работа ќе бидат доделени до административните службеници во наредните денови.
Од неговиот Кабинет соопштија дека Министерството за финансии веќе има дадено согласност за планот за систематизација на административните службеници.
Министерството за информатичко општество и администрација, пак, е задолжено во рок од седум дена од приемот на актите за систематизација на овие административни службеници, во рамки на своите надлежности да ја заврши постапката за согласност за работните места каде што ќе бидат сместени овие административни службеници.
„Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е должно во рок од 15 дена по усвојувањето на Планот, да изготви индивидуални одлуки за секој административен службеник што ќе биде систематизиран во органите на државната администрација“,
се вели во соопштението.
Груби посочува дека органите на државната администрација се должни на административните службеници кои ќе ги прифатат во нивните институции да им овозможат стручна обука со цел да ги подобрат нивните знаења и вештини.
Додава дека Агенцијата за вработување врз основа на решението за распоредување треба да направи одјава на административните службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и да ги пријави во нивните нови работни места.
