Емилија Трајковска од Куманово ќе биде новата пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на местото на Невенка Стаменковска-Стојковски, која влезе во техничката влада како дополнителен заменик-министер за информатичко општество и информатика.

Државната изборна комисија (ДИК) добила согласност од Трајковска, по што изготвила извештај кој денеска ќе биде испратен до Собранието. Потоа во редовна и предвидена постапка, како што рече на денешната седница на ДИК претседателот Оливер Дерковски, за нејзиниот мандат треба да се изјасни собраниската Комисија за политички систем и да биде верификуван на пленарна седница, по што од Државната изборна комисија ќе добие и решение.
Меѓутоа, Трајковска кратко ќе ја задржи функцијата, со оглед на тоа што овој пратенички состав треба да се распушти на 11 февруари бидејќи на 12 април ќе се одржат предвремените парламентарни избори.
Трајковска на изборите во 2016 година беше 13-та на листата со кандидати за пратеници во втората изборна единица.

Од кандидатската листа за пратеници пред Трајковска има уште двајца кандидати кои не се пратеници: Бојан Стојаноски и Драган Петкоски. Меѓутоа, законот налага да влезе следната жена кандидат од листата.
Трајковска е актуелна советничка во Советот на Општина Куманово и за да влезе во Собранието таа ќе се откаже од советничкото место, каде што ќе треба да ја замени следната жена кандидатка од листата за советници од последните локални избори во 2017 година.