Казната за вакво дело е парична или затвор до три години
Четири лица досега се повикани во полиција, во врска со случувањата на Вевчанскиот карневал. Тројца од нив биле идентификувани како учесници во палењето на знамето на Бугарија и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави за повреда на угледот на странска држава.
„Три лица се идентификувани и повикани на информативен разговор, а кои се поврзани со палењето на знамето на Република Бугарија. Во координација со Јавен обвинител, ќе им биде поднесена кривична пријава по член 181, за повреда на угледот на странска држава. Во моментот се работи на документирање на случајот со цел поднесување на пријавата“, велат од МВР.
Казната за вакво дело е парична или затвор до три години.
На распит во полициската станица во Струга бил повикан и претседателот на општинскиот комитет на ВМРО – ДПМНЕ во Вевчани, Ѓорѓи Влајникоски, против кого се поднесени три прекршочни и една кривична пријава, за загрозување на здравјето на граѓаните за време на епидемија, за омаловажување и навреди на полициски службеник, за неовластено снимање и за неносење на маска.
