Националната комисија за УНЕСКО на С Македонија денеска одржа конститутивна седница предводена од претседателката по службена должност, министерката за култура, Ирена Стефоска.
Националната комисија за УНЕСКО е составена од 22 членови меѓу кои се министри од Владата, директори на државни институции и авторитети за областите кои се поврзани со светската организација.
На следната средба што треба да ја одржи оваа комисија ќе се разгледува Извештајот за состојбата на природното и културното наследство на Охридскиот регион и напредокот за спроведување на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена на неговата 43. сесија во Баку, Азербејџан во 2019 година, како и финалниот извештај по Реактивната мисија во Охридскиот регион кој ќе биде официјализиран на почетокот на февруари.
„Министерката Стефоска ги информираше членовите за начините на остварување на соработката со УНЕСКО на Националата комисија и координација со ресорните органи, институции, организации со Секретаријатот на Националната комисија. Беа посочени и приоритетите на Северна Македонија пред следната Годишна конференција на светската организација, а кои се однесуваат на потребата за зајакнување на соработката на нашата земја со УНЕСКО во сите програмски области и на сите нивоа (комитети, одбори и сл.) и поголемо учество на младите во активностите на организацијата“,
информираат од Министерството за култура.
Стефоска ја информирала Комисијата и за поднесената апликација за поставување на црквата Св.Ѓорги во Курбиново на тентативната (пробна) листа на УНЕСКО. Ова е прва апликација за запишување на листата за светско културно и природно добро од нашата земја до УНЕСКО по 1978 година, кога Охридскиот Регион бил впишан на оваа листа.
Членовите на Националната комисија биле запознати и со трите македонски проекти од областа на културата, науката и заштитата на животната средина кои се одобрени во рамките на Програмата на УНЕСКО за партиципација за 2020-2021 година.