Партискиот портпарол излезе и со сомневања дека во инцидентот се инволвирани „лица кои се блиски до структурите на власта“
За хаосот и пукањето што ги видовме денеска во центарот на Скопје, пред Градската болница, претходно и во селото Батинци, директно е одговорно и надлежно МВР, оцени вечерва портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Според него, во МВР им е поважно дали на граѓаните маската им е под нос или закачена само на едното уво за веднаш да ги казнат, а воопшто не им е важно кој поседува и носи со себе пиштол.
„Откако дојде СДСМ на власт изминативе години гледаме само филмски пукотници низ центарот на Скопје и граѓаните не се чувствуваат воопшто безбедно. Секој што си зема за право да носи пиштол во себе, се повикува на блискоста со власта и станува опасен за околината, што денеска се виде и во самиот центар на Скопје пред Градската болница, но претходно имаше пукотници во селото Батинци. Дополнително, голем е сомнежот дека власта крие нешто, бидејќи нејасни беа информациите кои ги споделуваа во медиумите. Првин очевидци за медиуми брифирале дека лице со пиштол се заканувало и пукало пред болницата, за потоа експресно МВР и директорот на СДСМ на болницата да демантираат дека имало пукање пред градската болница, за што сепак сведочи и автомобилот и пиштолот кои се најдени на паркингот. Дали и зошто полицијата ги крие овие информации од граѓаните останува нејасно, но се поочигледно е дека, доколку од самиот почеток кријат, тоа значи дека можеби се работи за лица кои се блиски до структурите на власта“,
рече Арсовски.
Како што јави Канал 5, триесетгодишникот кој попладнево бил однесен во Градската болница ,,Свети Наум Охридски” е во критична состојба, а другото лице кое било префрлено во Клиничкиот центар е надвор од животна опасност.
