Сиромаштијата и лошото стопанисување во истражувањето се посочуваат како два клучни фактора кои се двигатели на бесправната сеча, покажува истражувањето на „Евротинк“
Од 2001 година па наваму, државата е на удар на „шумската мафија“, но многу мал дел од сторите на вакви дела одговараат за овој криминал, се констатира во истражувањето на „Евротинк – Центар за европски стратегии“, насловено како „Пустошење на нашата иднина: форми/модели на организиран криминал во бесправната сеча во Република Северна Македонија“.
„Оваа криминална активност е проценета на приближно 60 милиони евра на годишно ниво. Но, и покрај ваквата состојба, и законската рамка која бесправното сечење на дрвата го класифицира како кривично дело, бројот на покренати постапки против познати и непознати сторители е поразително низок. Дополнително, загрижувачки е трендот на преполовување на бројот на постапки од година во година, кој е утврден преку добиени податоци доставени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јавното претпријатие ‘Национални шуми’, МВР, како и надлежните основни јавни обвинителства во државата“,
посочуваат од „Евротинк“.
Сиромаштијата и лошото стопанисување во истражувањето се посочуваат како два клучни фактори кои се двигатели на бесправната сеча.
„Најзагрозените граѓани се во дополнителен ризик од судир со законот и запленување на дрвата купени од дрвокрадците, за релативно пониска цена. Од друга страна, пак, предизвикот со стопанисувањето со шумите е резултат на повеќе фактори како недостиг на човечки ресурси и соодветна опрема на шумочуварите, преклопување на институционалните ингеренции и несоодветен надзор“,
се наведува во соопштението.
Извештајот се базира на истражување на постоечка литература, анализа на законската рамка, обработка на податоци добиени преку слободен пристап до информации од јавен карактер од надлежните институции и 29 полуструктурирани интервјуа со повеќе категории на испитаници. Истражувањето е подготвено со поддршка на Фондот за отпорност на Глобалната иницијатива за борба против транснационален организиран криминал.
