Со вакви податоци располага Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), која денеска ќе достави со Владата сет барања за економско закрепнување
Комората бара, меѓу другото, и да се поништат сите одлуки за мораториум на деталните урбанистички планови во општините, со кои, како што се посочува, се спречуваат градежните инвестиции вредни над 500 милиони евра
Петтиот пакет антикризни мерки да се насочи кон ликвидноста на фирмите, за да може да опстанат по пандемијата на коронавирусот; да се отворат делумно затворените сектори, како туризмот и да се донесат протоколи според СЗО за нивно непречено работење; субвенциите на плати од 14 500 денари да продолжат најмалку до март 2021 година; да се зголеми фондот на Развојната банка за кредити со ниски камати; увозот на суровини да биде со нула отсто акциза; да се предвидат финансиски средства за компании кои вложуваат во дигитализација; да се укине данокот на добивка до 2022 година за најпогодените компании и да се поништат сите одлуки за мораториум на деталните урбанистички планови во општините со кои се спречуваат градежните инвестиции вредни над 500 милиони евра.
Ова се барањата за економско заздравување што Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) денеска ќе ги достави до Владата.
Според СКСЗМ, за да се врати економијата на нормална траекторија, Владата треба да се фокусира, пред сѐ, на вакцинацијата против ковид-19, но и на реализирање на капиталните расходи од минимум 85 отсто.
Како што истакна претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, 2020 година ја заокруживме со рецесија од минус четири отсто, што е најголем економски пад во земјава од нејзиното постоење. Над 4 000 компании згаснаа само во првите шест месеци, повеќето микро и мали, а околу 40 000 работни места се изгубени. Сега, пак, се соочуваме и со намален квалитет на живот поради поскапувањето и зголемувањето на потрошувачката кошница која достигна 550 евра.
Има многу причини што ја предизвикаа рецесијата, но најважни се, оцени Хоџа, ниската реализација на буџетските капитални расходи, намалувањето од 7,9 отсто на производствената индустрија, падот на крајната потрошувачка, намалувањето на извозот за 29,4 отсто и намалувањето на инвестициите на приватниот сектор.
Сепак, потенцира, ликвидноста на компаниите е најважна, поради што, петтиот пакет треба да биде насочен во овој правец, посебно за помош на микро и малите компании кои се најпогодени од кризата.
„За да се врати економијата на нормална траекторија, Владата треба да се фокусира на вакцинацијата против ковид-19, со цел отворање на економијата што е можно поскоро и да бидеме во чекор со земјите од регионот и во светски рамки, реализирање на капитални расходи од минимум 85 отсто, основање посебен фонд за компаниите од најпогодените сектори – производство, градежништво, трговија на големо, намалување на царинските стапки, отстранување на нетарифините бариери кои ја попречуваат трговската размена со соседните земји, поттикнување на извозот преку поддршка производителите и нивна промоција преку дипломатските мисии, транспарентност на расходот на буџетските средства за борбата против корона-пандемијата“,
рече претседателот на СКСЗМ.
Иако економијата целосно беше погодена, дополни Хоџа, некои од секторите, како туризмот, работат со ограничувања, кои ги спречуваат да ја искористат зимската сезона.
„Апелираме Владата да обезбеди протоколи за работа на овие компании, за тие да обезбедат ликвидност и да ги зачуваат работните места, зашто овој сектор вработува над 30.000 лица“,
истакна Хоџа.
