Новиот амбасадор истакнал дека Грција е подготвена да ја поддржи нашата земја во процесот на пристапување кон Европската Унија
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република во Република Северна Македонија, Русос Кундурос.
Како што соопштија од претседателскиот кабинет, на церемонијата Пендаровски рекол дека односите меѓу двете земји денес се карактеризираат со пријателство, висок степен на политички дијалог и посветеност на политиката на добрососедство и на регионалната соработка. Претседателот изразил и уверување дека во периодот што следува приоритет ќе биде реализација на конкретни проекти, кои ќе влијаат на натамошно интензивирање на економските релации.
Амбасадорот Кундурос истакнал дека Грција е подготвена да ја поддржи нашата земја во процесот на пристапување кон Европската Унија и искажа цврста заложба за јакнење на севкупните билатерални односи, со посебен акцент на унапредување на економската соработка.

„Еден од столбовите за градење цврста врска во сегашноста, но и за во иднина, е доследно и со добра намера спроведување на Договорот од Преспа во целост. Покрај важниот чекор за пристапување во НАТО, Северна Македонија го избра патот на европската интеграција и стана кандидат за пристапување кон Европската Унија. Грција со задоволство гледа на овој процес, бидејќи тој се покажа како фактор на стабилност, демократија и просперитет во Европа и е од суштинско значење и за нашиот дел од континентот“,
вели Кундурос.
