Српскиот претседател најави дека наскоро ќе пристигнат и дози од руската вакцина, а во преговори се и со Кина и со „Астра Зенека“
Србија не ги доби туку ги плати вакцините на „Фајзер“, бидејќи ако не платевме немаше да имаме, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ, истакнувајќи дека вакцините преку Ковакс најверојатно нема да стигнат во јануари.
„Како да знаев дека ќе чекаме подолго за Ковакс, иако имам голема доверба во комесарот Оливер Вархелји, нема да има ништо од тоа во јануари“,
рече Вучиќ во интервју за ТВ Хепи, пренесе Н1.
„Како тоа српските граѓани да гледаат како нивните соседи во Хрватска, Бугарија и Романија да се вакцинираат, а тие не?“,
праша Вучиќ, додавајќи дека тоа било причината Србија сама да ги набави вакцините.
Вучиќ најави дека наскоро ќе пристигнат и дози од руската вакцина „Спутник Ви“, но во помали количини, а контктирал и со кинескиот претседател за нивната вакцина, како и со „Астра Зенека“.
„Сите вакцини се добри, но некои како што ја разбираат политиката, сега се разбираат и од вакцини“,
рече српскиот претседател во врска со коментарите за квалитетот на вакцините, додавајќи дека меѓу поекстремните работи е дека на оние кои ќе примат руска вакцина, ќе им биде забрането да патуваат.