Инфектологот во тамошната општа болница стравува дека сегашната стабилна состојба може да биде нарушена во следните 10-15 дена поради големиот број граѓани кои дошле од странство
Здравствените власти во Нови Пазар, кој во времето на првиот бран на епидемијата со коронаворус во Србија беше град со најголем број заболени со ковид според бројот на жители и каде граѓаните и медицинските работници алармираа на лошите услови во тамошната болница, соопштија дека при спроведени тестирања на лица кои за празниците дошле од странство, над половина се позитивни на коронавирус.
Инфектологот од тамошната општа болница, Лејла Ќераниќ вели дека моменталната состојба со коронавирусот во регионот на Санџак е стабилна, но дека стравува од она што може да се случи во следните 10-15 дена поради големиот број граѓани кои дошле од странство. Таа објави дека од 50 тестирани од една таква група, во еден ден се добиени 30 позитивни теста.
Докторката Ќераниќ за Н1 изјави дека во Нови Пазар „константно има по 20 хоспитализирани “ и дека од пред еден месец може да се каже дека епидемиолошката состојба е стабилна.
Покрај можноста за зголемување на бројот на заразени лица кои дошле од странство, Ќераниќ како загрижувачки го посочува и фактот дека одѕивот за вакцинацијата кај медицинскиот персонал во Нови Пазар, е мал.
Вакцинацијата во Нови Пазар започна пред Нова година, од геронтолошкиот центар каде што беа вакцинирани сите згрижени и медицинскиот персонал, по што продолжи во Институтот за јавно здравје, Општата болница и Здравствениот дом.
„Од 800 работници во Општата болница, вакцинирани се 100 до 120 работници, Ова е ново за сите нас, вакцинацијата не е нова, но болеста е нова, вакцината е нова, технологиите за производство на вакцини се нови и постои причина за страв. Јас ги разбирам колегите кои се сомневаат и стравуваат, секој има своја причина“,
вели Ќераниќ, кој објви дека се вакцинирала.
Група лекари и медицински персонал во општата болница во Нови Пазар на крајот на јуни лани им приредија студен пречек на српската премиерка Ана Брнабиќ и на министерот за здравство Златибор Лончар откако овој град стана жариште на коронавирус во земјата, а болницата се соочува со недоволна опрема.
Тие прво ги пречекаа свртени со грб, а потоа за време на обраќањето довикуваа изразувајќи незадоволство од условите во кои работат.