Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за „360 Степени“ на Алсат зборуваше за барањата од турските власти за преземање дејствија против поединци и организации кои се поврзуваат со организацијата ФЕТО, која турската власт ја смета за терористичка.
– Мислам дека немало средба каде ова прашање не било покренато. Ние на сите тие средби кажавме дека не зборуваме на памет кога осудуваме насилство, особено, насилство со намена да се предизвикаат одредени политички потези, заради тоа што и ние сме се соочиле. Обидот да се влезе во парламентот и да се предизвика конфликт, за да се спречи формирањето на нова влада, беше употреба на насилство за политички цели. И од тој аспект, сите тие потези ние ги осудуваме. Не сметаме дека се добар начин. Две години трпеливо работевме за да срушиме режим со пенкало. Но, сакам да кажам дека за овие теми ќе дисктуираме, но и ќе ги почитуваме нашите закони – рече Шекеринска.
Таа рече дека акцентот е насочен кон поединци за коишто сметаат дека се поврзани со организацијата, не давајќи повеќе детали.
Прашана дали ова свое барање е доведено во некаква релација со ратификацијата на пристапниот протокол за Северна Македонија за НАТО, Шекеринска рече дека не гледа директна поврзаност.
– Но, убедена сум дека тоа би им влијаело на турските власти во брзината со која ќе пристапат кон ратификацијата – рече Шекеринска.
Сепак, потенцираше дека ставот на Турција за нашето членство во НАТО со години наназад јасно се гледа.
Напишете коментар