Јапонија соопшти дека четири лица кои пристигнале во Токио од Бразил биле заразени со нов, трет вид на коронавирусот, објави „Дојче веле“.
Четворица патници кои слетаа на аеродромот „Ханеда“ во Токио на 2 јануари од Амазон, Бразил, биле позитивни откако поминале извесно време на аеродромот во карантин, соопшти јапонското Министерство за здравство.
Такаџи Вакита, раководител на Националниот институт за инфективни болести, рече дека видот е различен од оние што веќе се шират во Велика Британија и Јужна Африка, објави „Кјодо њуз“.
Од Институтот велат дека во моментов нема докази дека новиот вид е позаразен.
Од четворицата, еден 40-годишен маж бил хоспитализиран откако се пожалил на тешкотии со дишењето, друга 30-годишна жена се пожалила на болки во грлото и главоболка, а тинејџер имал треска.
Премиерот Јошихиде Суга во четвртокот прогласи едномесечна вонредна состојба во врска со пандемијата во Токио и соседните префектури Чиба, Канагава и Саитама, која стапи во сила наредниот ден.
Претходно во декември во Велика Британија се појави нов вид на коронавирусот кој се карактеризира со голема моќ на пренесување и предизвика значителна паника низ целиот свет.