Од Мавровската крстосница од регионалниот пат Кичево-Гостивар до Дебар е забрането движење на секаков тип моторни возила поради одрони и паднати дрвја на патот.
Забраната за движење трае од вчера од 18 часот.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на останатите државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози поради врнежите од дожд кои ја имаат зафатено територијата на целата држава.
ЈП „Македонија пат“ предупредува на внимателно возење и приспособување на брзината спрема условите на патот и оттаму посочуваат дека дежурни екипи се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.
Од 15 ноември 2020 година започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2021 година.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Р2332 Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица, затворен е за сообраќај за сите видови возила до 1 април 2021 година.
