На длабочина од 23 метри, нуркачите пронајдоа делови од индонезискиот Боинг 737-500, кој се урна вчера веднаш по полетувањето од аеродромот во Џакарта.
„Сигурни сме дека тоа е локацијата каде авионот падна во морето“,
рече шефот на службата за цивилно воздухопловство, Хади Тиџханто.
Тој потврди дека се пронајдени скршени делови од авионот, но и облека на дел од 62 патници и членови на екипажот. Сè уште не се познати причините за падот на авионот, а мали се шансите да има преживеани.

„Сакам да изразам длабоко сочувство во името на сите индонезиски граѓани за оваа трагедија. Се молиме да најдеме некој што преживеал“,
рече претседателот на Индонезија, Џоко Видодо.
Несреќата на авионот Боинг 737-500 на авиокомпанијата Сривиџаја се случи вчера околу 14 часот по локално време. Леталото било старо 26 години и било редовно сервисирано, информираа воздухопловните власти.