Твитер соопшти дека итно и засекогаш го блокира Твитер налогот на претседателот на САД, Доналд Трамп, акциите на компанијата забележаа пад на вредноста
Технолошката компанијата смета дека актуелниот претседател ги нарушил политиките на социјалната мрежа против величење на насилството и дека постои ризик тоа пак да се повтори. Твитер одлуката да се блокира налогот ја донел поради, како што се наведува, „ужасните настани оваа недела“.

„По внимателна проверка на последните твитови од @realDonaldTrump, и контекстот околу нив, посебно како тие беа прифатени и интерпретирани на Твитер и надвор од него, ние засекогаш ја запираме работата на тој налог поради ризик од натамошно провоцирање насилство“,
се вели во соопштението.
Трамп праќаше десетици твитови секојдневно, а во текот на 4-годишниот мандат објави повеќе од 26.000 пораки испратени до своите 88 милиони следачи.
Трамп реагираше на одлуката на Твитер. Во соопштение по овој повод тој истакна дека мрежата сака да го замолчи. Изјави дека преговарал со други веб страни и вети „големи објави наскоро“, како и тоа дека работи на изградба на „наша платформа“.
Соопшти и дека се обидел да го искористи официјалниот налог на претседателот на САД, но дека Твитер веднаш ги бришел и тие твитови. Подоцна беше блокиран и налогот на изборната кампања на Трамп.

Неодамна и Фејсбук го блокираше на неодредено време налогот на Трамп, а тоа го направија и други социјални платфирми како Снапчат, Јутјуб, Твич и Редит.
Вредноста на акциите на Твитер падна за повеќе од два проценти на Њујоршката берза веднаш по одлуката за трајно суспендирање на налогот на Трамп поради ризик од „понатамошно поттикнување на насилство“.