Искусната и позната дипломатка од САД, Викторија Нуланд, ќе добие висока позиција во администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден.
Како што објавија повеќе медиуми, како „Политико“ и „Ројтерс“, се очекува таа да биде именувана за потсекретар за политички прашања во Стејт департментот, со што би би била трет човек во хиерархијата по државниот секретар и заменикот.
Нуланд во македонската јавноста е позната по учеството во пржинските преговори во 2015 година за излез од политичката криза во земјава, тогаш од позиција на помошник-државен секретар за европски и евроазиски прашања. Јавноста ја памети и од периодот пред Самитот на НАТО во Букурешт (2008 г.), кога од позиција на американски амбасадор во Алијансата беше еден од олеснувачите во преговорите за името.
Како помошник-државен секретар за Европа и Евроазија во администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, таа играше клучна улога во формирањето на политиката на САД кон Европа. Нуланд, исто така, држеше цврста линија кон Русија и ги поддржуваше прозападните сили во Украина, Грузија и Молдавија.
Државен секретар на САД, како што е познато од претходно, ќе биде Ентони Блинкен, кој е еден од главните советници за надворешна политика на Бајден, а беше и втор по ранг во Стејт департментот за време на администрацијата на Обама.