Секој ден треба го гледаме како можност за надминување на разликите и за одење напред во процесот, изјави шефот на дипломатијата
Ќе ја продолжиме комуникацијата со владата во Софија и со другите земји членки на ЕУ за надминување на разликите со Бугарија и за почнување на пристапните преговори, изјави денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи Бујар Османи.
За координацијата на владиниот тим за идните чекори и насоките по кои ќе продолжат преговорите со соседна Бугарија, Османи рече дека се праќа порака дека македонската страна сака решение и оти за прашањето на ЕУ нема да изгубиме ниту еден ден, независно од разочарувањето што го имавме со исходот во декември.
„Ние мора да продолжиме. И секој ден да го гледаме како можност за надминување на разликите и за одење напред во процесот. Го разгледавме календарот, ги разгледавме начините како новите констелации ќе влијаат на исходот, тоа што е јасно и е договорено дека продолжуваме со комуникација и со земјите членки и со Бугарија, во обид да ги надминеме разликите“,
рече Османи.
.
Тој очекува уште денеска да се воспостави таа комуникација и што побрзо да добиеме одговор на нашите предлози.
„Сега е време да се добие одговор затоа што е почеток на годината и затоа што треба да се утврдат акциските планови на комуникација на линиските министерства. И што побрзо стигне тој одговор, кој може да биде основа за усогласен акциски план со цел да почнат линиските министерства веднаш со имплементација на тоа што го има во акцискиот план. Јас се надевам дека брзо во наредните денови ќе има одговор на тој акциски план“,
рече Османи
Шефот на дипломатијата, на денешната прес-конференција, информира и дека е поднесено барање до Владата за отворање ново дипломатско-конзуларно претставништво во Братислава, Словачка.
„Односите меѓу нашите две држави се позитивни, се развиваат во позитивна динамика и има потреба да се отвори ново ДКП во Братислава, кое сега се покрива од ДКП во Виена“,
појасни Османи
