Скопското основно училиште „Киро Глигоров“ влезе во потесен избор за наградата на Европската Унија за современа архитектура – „Мис ван дер Рое“ за 2022 година.
Како што информираше градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, оваа номинација е големо меѓународно признание.

„Ми претставува особена гордост и задоволство што нашето најубаво и најмодерно основно училиште, ‘Киро Глигоров’ влезе во потесен круг за наградата на ЕУ за современа архитектура за 2022 година. Оваа е уште една потврда за нашата посветеност на работата“,
рече Богдановиќ.
Наградата на ЕУ за современа архитектура, воспоставена во 1987 година како еднакво партнерство помеѓу Европската комисија, Европскиот парламент и фондацијата „Мис ван дер Рое“, се доделува на секои две години и ги избира најдобрите од кругот на најквалитетните современи архитектонски дела во Европа.

Училиштето „Киро Глигоров“ е првото основно училиште изградено во Општина Центар по пет децении. Се простира на вкупна површина од 16 200 квадратни метри (12 100 квадратни метри училишна зграда и 4 100 квадратни метри дворна површина), изработено е по сите светски современи стандарди и при неговата изградба се користени најквалитетни материјали.
Автор на идејното решение за ООУ „Киро Глигоров“ е архитектот Бесиан Мехмети, координатор на проектот Кире Секуловски, изведувач на градбата е „Вардар Градба“, надзорот врз градбата го вршеше Заводот за испитување на материјали (ЗИМ) од Скопје, а градено е врз основа на проектот на тимот од „Инком Инженеринг“.
