Некои од децата на овие снимки немаат ниту десет години. Лесно се забележува дека многу од нив носат ќесе во џебот. Ништо невообичаено, освен ако не набљудувате подолго време.
Во ќесето има лепак чии гасови, кога испаруваат, делуваат како дрога. Ова дете и другите околу него, наместо ученици во прво, второ или трето одделение, се нарко-зависници на улица. Само што им започнал, животот веќе им виси на конец.
Рафаела Али е мајка на 9 деца. Сиромаштијата и е помал товар од зависноста на 17-годишната ќерка и 10-годишниот син. И нивната „дрога“ е вдишување лепак, порок на кој ги навлекол нивниот татко.
„Тие тоа го прават уште од деца, од мали, зошто таткото беше зависник, јас го оставив таткото, тој во затвор е, 15 години го осудиле. Јас мајка сум, се трудам, одам по болници, по лекари, не апчиња, не ова не она, не знам веќе што да правам со нив“, вели Рафаела.
Лековите за третман на зависноста на нејзините деца, Рафаела ги добива од невладината организација „Хопс“, бидејќи социјалната помош од 3000 денари не стигнува ниту за храна. Но, терапијата не помага, бидејќи децата немаат соодветен надзор и се враќаат на улица.
„Јас побарав да лежи малиот во психијатрија, но не го примаат дека е многу мал. 20 пати одев кај социјалната работничка, велам ти него го водиш само за кражби. Вели, ама ние ништо не можеме, тој дува лепак, треба да наполни 13 години, па потоа ќе го ставиме во затвор. Па велам, тој додека наполни 13 години тој може да умре од лепак, така велам, сместете го некаде. Се прави вика некој дом, не знам, затворено одделение, вика издржи уште малце и еве јас чекам“, истакна Рафаела Али.
Семејството Али, за жал, не е единството што се соочува со истиот проблем. Од невладината организација „Хопс“, единствената која работи на терен со децата зависници, велат дека бројката постојано расте.
„Најмалото дете кое употребува психоактивна супстанца лепак, било дете на 3 години, додека најмалото дете кое што инјектира хероин, почнало од својата осма година. И покрај тоа што нашите тимови редовно ги контактираат овие деца и нивните семејства, нема каде да ги однесат откако ќе остварат контакти, откако ќе ги мотивираат да се лекуваат или да пристапат до здравствена установа за да побараат помош“, информира Ивица Цековски од „Хопс“.
Од ХОПС велат дека институциите се достапни за соработка, но потврдуваат дека има проблеми кога треба да се преземат конкретни чекори.
„Практично овие деца се препуштени сами на себе и најчесто треба да дочекаат полнолетство, за да пристапат во некоја од програмите за лекување“, потенцира Цековски.
Во министерството за здравство признаваат дека не постои протокол за лекување малолетни зависници ниту пак програма. Такви документи подготвувале во моментов, во координација со Министерството за труд и социјални политика и стручната јавност.
„Програмата вклучува мултидисциплинарен тим од психијатар, клинички психолог, медицинска сестра и социјален работник, кои ќе го водат детето низ целото времетраење на третманот. Во рамки на програмата е планирано и отворање Центар за третман на деца кои употребуваат психоактивни супстанции, како специјализирана здравствена установа за третман и грижа“, информираат од здравство.
До изработката на опфатна програма, лекувањето на децата-зависници е сведено на итни медицински интервенции.
Од токсикологија не информираа дека примаат корисници на дроги на возраст од 14 до 18 години. Децата под 14 години се праќаат на детска клиника. По потреба, во зависност од користената психоактивна супстанца, за интервенција се повикуваат и тимовите од токсикологија.
Во најдобар случај, некои од тие деца ќе добијат терапија по итна интервенција во болница, но системот не може да ги задржи и на рехабилитација. Такво нешто во минатото се правело во Центарот за зависници во Кисела Вода.
„Mногу мал број кој имале 17 години биле третирани со метадон во минатото, некои од нив се уште се тука и се со добар одговор дел од нив. А, сме третирале и малолетни лица во стационарот во времето кога имаше одделение, каде што се работеше со детоксификација, не со заменителна терапија“, вели д-р Лилјана Игњатова, раководител на Центарот за зависности.
Д-р Игњатова смета дека е потребно јасно усогласување меѓу институциите, дури и меѓу тие во областа на здравствената заштита.
„Многу од децата се обраќаат на Клиниката за детска и адолесцентна психијатрија и се третира коморбидната состојба психијатриска, заедно со употреба на супстанца. Значи, таму не се затворени вратите за нив, ама нема специјализирани кадри за работа со проблематиката зависност. Но, тие деца ретко се само за зависност “, истакнува Игњатова.
Акција е потребна, бидејќи според ЕСПАД – најголемото меѓународно истражување за злоупотреба на дрога, алкохол и цигари кај адолесценти, во Северна Македонија:
11% од средношколците на 15-годишна возраст некогаш употребиле седативи, непрепишани од лекар, 5% пробале марихуана, 2% екстази и 1% инјектирале хероин.
Истражувањата на Институтот за јавно здравје, на возрасната група од 15 до 24 години, покажуваат дека
Дури 19% од адолесцентите и младите пробале некаков вид нелегална дрога некогаш во животот, а 15,4% тоа го направиле во текот на 2017 година.
За многумина, овие бројки се и ќе останат само статистика. Но, за Рафаела Али, мајка на двајца малолетни-зависници, се најголемата грижа. Прашање е дали и децата со ќесе во џебот се свесни дека, во крајна линија, станува збор за нивниот живот.
Напишете коментар