Рано утрото е изгаснат пожарот кој избувна синоќа по 23 часот во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. На одредени места во внатрешниот дел, каде се сместени поголем број тезги и продавници се уште тлее и повремено се појавуваат мали пламени јазици.
Местото и натаму го обезбедува полицијата а присутна е и екипа на ТППЕ Струмица, која внимава да не дојде до нов пожар и интервенира на местата каде се појавуваат пламени јазици.

Според првичните проценки, од тоа што може да се забележи на местото на пожарот, изгорени се повеќе од десет продавници, внатрешниот дел каде е сместен пазарот и тезгите, супермаркет во внатрешноста, а пламените јазици зафатиле и делови до третиот кат од трговскиот центар.
Причините за пожарот се уште не се знаат.
Сопствениците на продавници и тезги немо го набљудуваат објектот и не се расположени да дават изјави.
„Мојот бутик е целосно изгорен и во него имаше стока од над 20 илјади евра“, вели еден од нив.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој синоќа беше на местото на трагедијата, смета дека материјалната штета е голема, а за среќа нема повредени.
Тој се заблагодари и на помошта во гаснењето во кое учествуваа и противпожарни екипи од околните градови и возила на ЈПКД „Комуналец“.