Осум лица се обвинети дека во текот на 2017 и 2018 година вршеле недозволени археолошки истражувања и ископувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на РС Македонија. Потоа пронајдените добра неовластено ги присвојувале, прикривале и ги продавале на купувачи во земјава и во странство. Ова го правеле поединечно или заедно, за остварување на точно определени цели, без дозвола од надлежни органи, информира Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое денеска до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против осуммината.
Како што соопшти обвинителството, ова доаѓа по повеќемесечна истражна постапка.
„Во наведениот период на територијата на Р.С. Македонија обвинетите Р.П, А.Б. и Ж.Р., со цел стекнување на противправна имотна корист, создале група за вршење на кривични дела поврзани со недозволени археолошки истражувања и ископувања, на која припадници станале обвинетите В.М., И.Д., А.Б., Б.Д. и Ј. М.. Членовите на групата поединечно или заедно преземале криминални дејствија за остварување на точно определени цели, па така, обвинетите Р.П., А.Б., Ж.Р., В.М., Б.Д. и Ј.М. без дозвола од надлежни органи вршеле недозволени археолошки истражувања на археолошки локалитети и локалитети со природни реткости на територијата на Р.С. Македонија. Тие меѓусебно разменувале сознанија за позиционираноста на одредени археолошки локалитети и локалитети што содржат природни реткости и по пронаоѓање на истите, со неовластена употреба на метал – детектори и сонди, вршеле недозволени пребарувања. Со употреба на погодни алати, недозволено ги ископувале археолошките локалитети и локалитетите што содржат природни реткости, а пронајдените добра под привремена заштита, културни наследства и природни реткости со непроценлива вредност, сопственост на РС Македонија, неовластено ги присвојувале. Потоа, добрата ги прикривале на безбедни, непознати локации и во домовите на обвинетите В.М., И.Д и А.Б. до пронаоѓање на неовластени купувачи“,
велат од обвинителството.
Откако наоѓале купувачи од земјата и од странство, обвинетите неовластено им ги продавале овие значајни добра, сопственост на државата и со тоа трајно ги отуѓиле на штета на државата.
Според Обвинителниот акт, сите обвинети – тројца како организатори и петмина како припадници на групата, сториле кривично дело „Злосторничко здружување“. Во зависност од дејствијата што ги сториле, на обвинетите им се ставаат на товар кривичните дела „Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости”, „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ и кривично дело „Прикривање“ .
„Карактеристично за овие групи освен што недозволено користат метал детектори, сонди и други погодни алатки за скенирање на длабочина на територијата која е цел на ископ, со себе недозволено држат и оружје, па така, дел од обвинетите сториле и кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи,”
информира обвинителството.
