Претходно во Брисел договорот го потпишаа претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Документот потоа беше испратен со авион во Лондон, на потпис кај Џонсон
Британскиот премиер Борис Џонсон го потпиша трговскиот договор со Европската унија за уредување на економските односи меѓу Брисел и Лондон од 1 јануари 2021.

Џонсон го потпиша договорот пред камери, изјавувајќи дека документот претставува „почеток на одлични односи меѓу Велика Британија и нејзините пријатели и партнери од ЕУ“.
Претходно во Брисел, договорот го потпишаа претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Документот потоа беше испратен со авион во Лондон, на потпис кај Џонсон.
Во меѓувреме, Долниот дом на британскиот Парламент, го одобри договорот. За него, во текот на денот треба да се расправа и во Горниот дом на Парламентот, Домот на лордовите.
Доколку биде усвоен, договорот ќе биде испратен на одобрувањекај кралицата Елизабета Втора, за да може да стапи во сила утре во 23 часот по локално време.
ЕУ ќе го објави договорот во Службен весник до утре, за да може да стапи на сила од 1 јануари. Неговата примена ќе биде привремена се додека не биде ратификувана од Европскиот парламент.
Велика Британија и ЕУ постигнаа договор за идните трговски односи на 24 декември, откако претходно мнозинството Британците на референдумот во 2016 година се одлуија за напуштање на ЕУ.
Велика Британија истапи од ЕУ на 31 јануари (Брегзит), а преодниот рок истекува на 31 декември, кога Лондон ќе ги напушти единствениот пазар на ЕУ и царинската унија.
