Антикорупциската комисија ќе покрене иницијатива пред Јавното обвинителство за поведување постапка за политичка партија за незаконско финансирање за време на изборната кампања на предвремените парламентарни избори.
Овој заклучок беше усвоен на денешното продолжение на 45 седница на Државната комисија за спречување корупција.
„Постапувајќи по нашите надлежности, ние во октомври доставивме барање до Државниот завод за ревизија и до Управата за финансиско разузнавање барање за надлежно постапување. Имаше сомневања дека дел од политичките партии се финансираат спротивно на изборниот законик, односно од недозволени извори на финансирање. Неодамна добивме одговор од Управата со кој се потврдија нашите наводи за незаконско финансирање на една политичка партија“,
беше посочено на седницата, а заклучокот беше едногласно усвоен.
ДКСК денеска или утре ќе се обрати до Владата со барање за нејзино известување по однос на отворен предмет за дивоградбите во Охрид и во Струга.
„Сакам јавно да реагирам за однесување на министерот за транспорт и врски бидејќи ние како комисија испративме барање уште во јуни да кажат како планираат да постапат со бесправно изградените објекти во Струга и во Охрид. Владата ни одговори дека го задолжила Министерството да постапи и да ја извести Владата за тоа постапување, а Владата да не извести нас. По медиумите видов министерот пред една недела при посета на Охрид кажал дека Владата донела заклучок да се реши крајбрежјето кај Охридското Езеро. Мислам дека тој заклучок требало Владата да ни го достави нас“,
рече членот на ДКСК Горан Трпеноски.
