Министерот за здравство, Венко Филипче, ќе ја дочека Новата година дома, во кругот на семејството.
Тој денеска во изјава за медиумите апелираше и до граѓаните да бидат совесни, да не се групираат и да ги почитуваат препораките за заштита од пренесување на коронавирусот за време на претстојните празници.
„Сакам да бидам пример за сите граѓани. Сега треба сите да ги почитуваме мерките и препораките и да сме свесни дека тоа е еден од механизмите со кои нема да дозволиме ситуацијата да се влоши сега кога навистина се изборивме и имаме видливи резултати“,
рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по примопредавањето на германска донација во поликлиниката во Шуто Оризари.
Нагласи дека во изминатиот период евидентно е намалувањето на притисокот врз болниците и на бројот на новодијагностицирани. Завчерашниот ден, како што истакна, е првиот ден кога на интерните клиники немало ниту еден нов прием на болни од ковид-19.
„Сега бројките значајно се намалуваат. Значително се намалуваат новодијагностицираните на ден, значително се намалува факторот на преносливост и значително се намалуваат бројот на пациенти кои треба да се хоспитализираат. Болниците ширум државата се практично полупразни. На Инфективната клиника после сериозно долг временски период има над 30 слободни кревети и на интерните клиники над 100 слободни кревети. Еден сериозно долг временски период, таа бројка на слободни кревети беше меѓу 20-30“,
рече Филипче.
Не ја исклучи можноста да има некој минипик и понатаму како резултат на непочитувањето на мерките. Но, како што посочи, здраствениот систем е подготвен да пресретне и следен бран.
„Ние нема да го смениме системот на реорганиација на јавно-здравствените институции додека не поминат празниците, некаде до крајот на следниот месец. Верувам дека граѓаните ќе продолжат совесно да се однесуваат и дека ќе нема криза, но подготвени сме да пресретнеме таков бран“,
истакна Филипче.
