Петриња минува низ пекол. Го снема половина град, како да е Хирошима, вели градоначалникот Даринко Думбовиќ за телевизијата Н1 по катастрофалниот земјотрес што ја погоди Хрватска, а во кој загинаа најмалку седум лица.
Думбовиќ побара веднаш да биде испратена помош до Петриња.
„Мојот град е целосно уништен. Имаме мртви деца. Не може да се опише. Ова е како Хирошима. Ни требаат пожарникари, не знаеме што има под урнатините. Искрено сочувствувам со сите семејства кои ја преживеаја трагедијата. Градот Петриња преживува пекол по овој земјотрес, што не можевме да го видиме во ниту еден филм“,
порача Думбовиќ.
За жртвите и повредените во земјотресот рече дека сè уште нема конечна бројка.
„Тоа е најстрашната работа, кога треба да дојдете до некоја личност и да му изразите сочувство. Немаме струја, немаме вода. Сè се скрши. Тука сме во темница, во урнатини и трагаме по луѓе“,
истакна Думбовиќ.
Водоводот во Петриња не функционира, граѓаните имаат само цистерни со вода.
„Добиваме вода и имаме за пиење, но водоснабдувањето не работи. Земјотресот ја оштети уличната филтрација. Ќе се обидеме повторно да се поврземе за 24 часа и да видиме како можеме да го пуштиме во функција системот за водоснабдување. Околу 200 луѓе се во касарната. Можеме да сместиме 500 луѓе во тие станови. Тоа се нови станови и во нив може да се живее додека не најдеме друго решение“,
рече тој.
Думбовиќ додаде дека е уништена и зградата на градската управа.
„Системот овде едноставно умре. Тој не постои. Мораме да ги обновиме и комуникациите“,
рече градоначалникот.
