Ако за време на новогодишната ноќ бидат издадени викендици или станови каде ќе има групирање на повеќе луѓе oд четворица, тогаш и сопственикот на тој објект што го издал и оние кои се присутни на забавата ќе сносат кривична одговорност, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во телевизијата Сител.
Тој апелираше граѓаните да се јавуваат и да ги пријавуваат забавите и групирањата на бесплатниот телефонски број 0800 00 201, бидејќи вели суштината на овој проект е полицијата да биде партнер со граѓаните.
„Ова не е враќање во некое друго време, тоа друго време беше време во кое власта правеше следење и прекршување на човековите права. Но, да се изборите за почитување на законот и почитување на одлуките да се озборите за заштита на здравјето на граѓаните, тоа не е недолично однесување, туку напротив, едно одговорно партнерско однесување на граѓаните“,
рече Спасовски.
Тој верува оти овој проект со телефонскиот број ќе помогне, затоа што како што рече, и досега имале бројни јавувања кои резултирале со спречување на таквите забави.
„Генерално нормално треба да помине новогодишната ноќ, да си празнуваме сите одговорно заради тоа што апсолутно мислам дека ќе биде погрешно и никој од нас нема да биде спокоен доколку на новогодишната ноќ организираме каква било забава или прослава или дочек на Новата година во некаков голем круг на пријатели, на соработници итн“,
додаде министерот.
Спасовски апелираше граѓаните да празнуваат одговорно и на тој начин да придонесат во справувањето со ковид-кризата.
Очекува мирна новогодишна ноќ и најави дека ќе има контроли во сите градови и во туристичките центри.
„Ние сме должни да работиме да ги оствариме нашите овластување и да вршиме надзор и контрола во спроведување на мерките, посветено и максимлано ќе работиме да извршиме контрола таму каде е потребно и да помогнеме сите како општество да го спречиме ширењето на вирусот“,
рече Спасовски.
