Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во емисијата „Прашањето ми е следно“ на порталот „Инфомакс“ изјави дека „не знае кој претседател на ВМРО-ДПМНЕ организирал повеќе протести” од него. Одговорот го даде на прашањето на водителот за тоа дека многумина му забележуваат оти е „многу млак“ во јавните настапи и дека партијата нема доволно агресивни активности, освен протестите со автомобили за кои имало критики.
„Организиравме протести целиот овој период. Ако се завртите во минатото, јас не знам кој претседател на ВМРО-ДПМНЕ организирал повеќе протести од мене. Не сакам да зборувам во прво лице еднина, но бидејќи прашањето е кон мене, морам да одговорам во таа форма. Ајде да видиме какви беа протестите од 1990 до 1998 г.? Колку протести имаше и како беа организирани. Ајде да видиме какви беа протестите 2002 до 2006 г.? Јас имам повеќе од 150 јавни настапи во овие три години откако сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И кога беше Преспанскиот договор и сега кога зборувавме за договорот со Гоце Делчев, односно за договорот со Бугарија, анексот и за други протести, настани итн. Двапати организираме по 30 000 луѓе пред Влада во овој период, во овие три години. А замислете, ние сме партија која има неколку илјади луѓе кои се под политички прогон, имаме неколку десетици илјади луѓе кои се предмет на мобинг од оваа власт, разместени и така натаму“,
изјави меѓу другото Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Запрашан за тајмингот кога се организирале протестите, Мицкоски одговори дека партијата реагирала навремено, како на пример додека траеја преговорите со Бугарија. Но, потсети и дека како политичар, тој мора да носи одлуки согласно сите информации кои ги има. Објасни дека партијата ќе продолжи да протестира за национали теми, како преговорите со Бугарија, но и дека тоа не е ексклузивна тема за ВМРО-ДПМНЕ тука за сите граѓани. Најави и протести против образовните реформи, за здравството и за воздухот.