Повеќе од половина од граѓаните не би се вакцинирале против ковид-19, покажува новата анкета на Телма и МЦМС, изработена од агенцијата „М-проспект“, која го испитува мислењето на граѓаните за тоа како Владата се справува со здравствениот аспект од ковид-кризата и каков е нивниот став за вакцинацијата.
На прашањето дали е веројатно дека би се вклучиле во доброволна вакцинација за ковид-19, мнозинството од испитаниците, 58,6 отсто, изјавиле дека не е веројатно дека ќе се вклучат во вакцинација. 38,7 отсто рекле дека веројатно би се вакцинирале, а 2,6 отсто одговориле дека не знаат.

Речиси и да нема разлика во поглед на степенот на образованиетo кај оние кои одговориле дека нема да се вакцинираат. Па така, 59,3 отсто од оние со незавршено образование и 50 отсто од оние со пост-дипломски студии изјавиле дека нема да се вакцинираат.
Според анкетата, мажите се позаинтересирани за вакцинација од жените, односно 43 отсто од нив рекле дека би се вакцинирале, за разлика од 33 отсто од жените и обратно – 63 отсто од жените рекле дека целосно или донекаде не е веројатно дека ќе се вакцинираат за разлика од 53 отсто од мажите.
Поголеми скептици за вакцинирањето се младите на возраст од 18 до 29 години, а позаинтересирани за вакцинирање се испитаниците над 65 години.
На прашањето дали здравствените власти имаат капацитет за навремено и ефективно спроведување на вакцинација за ковид-19, мнозинството или 60,5 отсто од испитаниците одговориле дека не веруваат дека системот има капацитет, а 34,7 сметаат дека имаат капацитет.
Тројка за Владата од граѓаните
Според истражувањето, просечната оценка што испитаниците и ја дале на Владата за справувањето со здравствениот аспект од кризата, на скала од 1 до 5, е тројка, односно 2,90.
Или, 32,2 отсто од испитаниците дале оценка тројка, 22 отсто ја оцениле со единица, 13,7 отсто дале оценка двојка, 15,8 отсто и дале на Владата четворка, а само 16 отсто ја оцениле со петка.

На прашањето, дали имаат доверба во министерот за здравство, Венко Филипче, 43,2 отсто од граѓаните одговориле дека имаат доверба во министерот, а 54,6 отсто дека немаат.
Истражувањето е спроведено од 16 до 24 декември, преку телефонска анкета на репрезентативен примерок од 1 000 испитаници.
