И пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за време на дискусијата по предлог- законот во петокот бараа од претседателот на државата да не го потпише Законот, доколку биде донесен
Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, денеска поднесоа барање до претседателот на државата, Стево Пендаровски да стави вето на Законот за решавање на спорот меѓу Владата и Макпетрол изгласан денеска од Собранието.
Тие бараат Пендаровски да го употреби своето уставно право на суспензивно вето, гарантирано во чл. 75, ст. 3 од Уставот на РМ (1991), и да не го потпишува Указот за прогласување на Законот.
Како причини за ова, пратениците на Левица истакнуваат дека тој е спротивен на Амандманот XXV од Уставот, кој вели дека судската власт ја вршат судовите и дека се забранети вонредни судови, дека Законот е привилегирачки и е спротивен на чл. 55 од Уставот, бидејќи како што велат, воведува партикуларен режим на решавање стопански спорови меѓу една приватна компанија и државата, спротивно на уставно загарантираната „еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот“, како и тоа дека станува збор за исклучително штетен и сомнителен закон, кој според Левица е спротивен на јавниот интерес, бидејќи „за стар и амортизиран гасовод, кон има номинална вредност од околу 18 милиони евра, државата ќе треба да исплати скоро 33 милиони ЕУР – и тоа во време на економска и здравствена криза од сериозни размери“, се вели во Барањето на пратениците до претседателот на државата.
И пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за време на дискусијата по предлог- законот во петокот бараа Пендаровски да не го потпише Законот, доколку биде донесен.
