„Геро, извини, за да нема непотребни недоразбирања, го прочитав написот и би те замолил јавно да соопштиш дали сум јас, Сашо Орданоски, тој „познат новинар“ итн. за кого пишуваш? “.
Вака новинарот Сашо Орданоски, во коментар на Фејсбук, го праша Бранко Героски, кој вчера во колумна на “Плусинфо”, со наслов „Кои се петте луѓе блиски на Заев што ја менаџирале аферата ‘Рекет’ од втор план и дали некој од нив знае каде се парите?“, описно посочи неколкумина кои, како што вели тој, ја менаџирале аферата „Рекет“.
Орданоски, според коментарот, се реферира на делот од колумнтата на Героски каде тој, набројувајќи ги, како што ги нарекува „носител на акција, идеолог и човек за врска“ напиша дека „човек за врска е еден наш познат новинар кој е близок и со неа (Катица Јанева – н.з.) и со Боки…“
На јавно поставеното прашање на Орданоски денеска му одговори Героски, кој вели дека „кога случајот “Рекет” е во фаза на судење и на можни дополнителни инкриминации, можам само да ти одговорам дека јас никого не инкриминирам, па ни тебе“.
„Според тоа, одговорот и за тебе е ‘не’“, напиша Героски.
Во вториот дел од одговорот Героски му се обраќа и на поранешниот главен уредник на 1ТВ Ацо Кабранов, кој во пост на Фејсбук му порача на Героски дека напишаното во текстот е „многу, многу ниско и неколегијално“, во делот кој се однесува на начинот накој биле бирани вработените во 1ТВ.
„Создавањето на тимот одеше вака – меѓу првите бев поканет јас на предлог на еден колега за да бидам дел од интернет телевизија. Отидов на разговор, таму беше еден друг колега познат, одличен новинар и колумнист кој се заблагодари бидејќи е од пишан медиум и не е според него, за ТВ: Јас прифатив и ги предложив и Гордана Дувњак и колегата Христијан Стојчевски. Таму веќе беа Санта Аргирова роднина на Боки и Анета Кочишки. Се преселивме во просториите на Томато. Идејата за интернет ТВ беше се уште актуелна се додека подготвувајќи ги документите не дојдовме на идеја да пробаме од АВМУ да побараме сателитска концесија. Така и беше. Во меѓувреме сите ние предлагавме по некој од колегите да им понудиме да дојдат. Некои прифатија, некои не се пронајдоа во проектот. Борјан Јовановски го предложив јас, некој од колегите го предложи Орданонски, дојде и Чомовски и така се создаваше тимот“, објаснува Кабранов во подолгиот пост на неговиот профил.
„Ќе дојде време кога препознавањата ќе се случат на легитимен и легален начин“, одговори Героски.
Што напиша Героски
Реакциите на двајцата новинари кои беа дел од 1ТВ, за чиј сопственик се претставуваше Бојан Јовановски, уследија откако Героски синоќа објави текст-колумна по урнек на оние од лани летото.
Како и тогаш кога користеше прекари што требаше да асоцираат на имиња на функционери од власта, на Боки 13, специјалната обвинителка Јанева и на бизнисмени, така и во вчерашниот текст, Героски само ги опишува петтемина кои наводно ја менаџирале аферата.
„Ако пропеат Боки, Фросина и Катица – а првите двајца веќе најавуваат дека нема да молчат – ќе дознаеме за поврзаноста со „Рекет“ на блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, на многу важен советник на Заев од една странска земја, на познат интелектуалец и на познат новинар кои ги воспоставуваат линковите меѓу Боки и Катица, а најстрашно од сѐ, на многу близок човек на Зоран Заев, кој ги менаџира и контролира сите поголеми бизнис зделки во земјава. Она што го знаеме за ‘Рекет’ е само врвот на ледениот брег“, напиша Героски во текстот за кој вели дека ги содржи информациите кои сакал да му ги каже на премиерот Заев во јули кога побарал средба со него, а која Заев ја одби, по што Героски го ослови како „суетен новинар“.
„Вечер“ и демантот на Русковска
Во дел од вчерашниот текст, Героски го споменува и она што претходно го објави „Вечер“, кој повикувајќи се на свои извори, напиша дека во петокот на 20 декември, во исказ пред обвинителката Вилма Русковска, запишан на 30 страници текст, Бојан Јовановски кажал сѐ – дури и тоа дека поголем дел од парите што ги зел од рекетот (наводно околу 7 милиони евра) ги предал на луѓе блиски до Заев, вклучувајќи го и В.З.
Обвинителката Вилма Русковска вчера ги негира информациите дека обвинетиот во аферата „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13, во исказот кој го дал во обвинителството за случајот со Меѓународен сојуз, спомелувал лица блиски до семејството Заеви и довчерашниот премиер Зоран Заев.
„Не е точно. Во исказот тој спомена НН лица и НН настани, како и дека поради тоа наводно неговиот живот бил загрозен“, изјави Русковска за „360 степени“.