Сите судии или обвинители кои незаконски постапувале или направиле прекршување во постапките, намерно ги одложувале или нестручно постапувале треба да бидат исфилтрирани од правосудниот систем, порача денеска на прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.
Маричиќ рече дека очекува Советот за реформи во судството да ја потврди методологијата за филтрација в понеделник, по што, вели, јавноста ќе биде информирана за деталите.
Маричиќ уште еднаш се осврна на вчерашната одлука на Судскиот совет, кој разреши двајца судии од Основниот суд Охрид поради нестручно работење и рече дека ова е добар почеток на процесот за филтрација на правосудството.
„Јас ја поздравувам секоја одлука која има за цел да ја подобри ефикасноста и праведноста во постапувањето на судиите, без да заземам страна за случајот. Би сакал да кажам дека доколку разрешената судијка мисли дека неправедно е разрешена има механизми како да се жали, а институциите ќе го кажат своето мислење. Мислам дека советот, особено по новите стандарди од 2019 наваму, има јасни критериуми и сигурен сум дека ги разгледува соодветно и аналитично сите околности пред да донесе ваква одлука. Затоа што разрешувањето е крајната форма на одговорност, штом се одлучил на ваков чекор сигурно имале цврсти аргументи, но затоа постојат механизми за жалба, сепак тоа е работа на системот воспоставен од судскиот совет и верувам дека овој случај ќе се расчисти до крај, како и сите идни случаи“,
порача Маричиќ.
Маричиќ рече дека во овие процеси посебен фокус ќе биде ставен на случаите на висока корупција и организиран криминал.
Коментирајќи го планот за попис на населението, рече дека се очекува законот да биде усвоен за тој да биде спроведен во април.
„Невозможно е да креираме развојни политики ако соодветно не го преброиме населението. Министерството за правда подготви и го достави законот за попис во Собранието. Целта ни е да изградиме систем каде еднаш засекогаш ќе ја тргнеме политиката од секој попис. Верувам дека овој попис ќе биде по европски стандарди, ќе се спроведе во април наредната година, доколку Собранието го донесе законот“,
рече министерот.
Во Министерство за правда, како што најави, веќе се работат измени на повеќе закони, меѓу кои на Кривичниот законик, каде што, како што вели, меѓудругото, ќе бидат вградени стандарди за поголема заштита на новинарите.
Презентирајќи ја работата во првите 100 дена од мандатот како министер за правда, тој рече дека Министерството за правда ги намалило судските такси, во областа на борбата за животна средина вели дека ќе има повисоки казни за загадувачите, а постигнале согласност и за исплата на додатоци за судската полиција.