Според Беќаровски, новата мутација на вирусот можеби ја има и во Македонија бидејќи, како што вели, во последниот период има повеќе случаи на пациенти со тешка клиничка слика и ковид компликации, а вирусот не успеале да го детектираат со постојните ПЦР-тестови
Новата мутација на коронавирусот најверојатно може да го излаже ПЦР-тестот, вели д-р Нико Беќаровски, директор на Клиника за токсикологија за ТВ 24.
„Сѐ уште не може да се каже со сигурност, но претпоставките се дека ПЦР-тестот најверојатно ќе може да го излаже и ќе имаме зголемен број лажни негативни наоди. Тоа што се наметна како прашање, а гледам и дека во светот се создава извесна непријатност е дали постојните тестови ќе бидат доволно сензитивни за да ја детектираат оваа мутација. На тоа немаме одговор, да се надеваме дека е така, инаку ќе ни треба нов тест којшто ќе биде сензитивен на оваа мутација“,
вели Беќаровски.
Како индикатор дека новиот тип на вирусот можеби го има и во Македонија, според Беќаровски, е во тоа што имало многу случаи на пациенти со крајно тешка клиничка слика со сите елементи за развиени компликации од ковид-19, а вирусот не успеале да го детектираат со постојните тестови.
Кај нас, како што вели, нема софистицирани лаборатории кои може да направат геномска детекција на вирусот, па дали постои во земјава, показател би бил трендот на новозаболени лица и колку едно лице го проширило вирусот.
Тој вели дека новомутираниот вирус останува подолго во организмот и побрзо се реплицира, со што е поголема можноста за да се пренесе. Сепак, според Беќаровски, нема потреба паника бидејќи вели дека секој вирус има свои развојни етапи во кои настануваат мутации.
„Оваа мутација не од сега, ние сега ја гледаме клиничката манифестација, се смета дека некаде 4 000 мутации се случиле, некои стануваат посилни од оригиналниот вирус. Оваа мутација се појавила најверојатно во август-септември, затоа што треба долг период да се избори со постојниот вирус за да стане доминантна“,
вели тој.