Нашиот календар имаше краен рок – декември за отворање на преговорите. Бидејќи не успеа, сега се наметнува друг календар на кој, најверојатно, ќе влијае периодот на избори во Република Бугарија, рече шефот на дипломатијата во интервју за „360 степени“
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека разговара со Европската комисија, но и со земји членки на Европската Унија за продолжување на објаснувачкиот и почеток на билатералниот скрининг со Северна Македонија. Целта е, рече Османи во интервју за „360 степени“, да се одржи „тонусот“ на институциите во земјава додека се бара решение на отворените прашања со Бугарија.
„Тоа се обидувам да го разговарам и со земјите членки и со Европската комисија во овој период, бидејќи сметам дека така ќе се држат институциите активни. Тоа се периоди во рамки на преговарачкиот процес, меѓутоа, не се регулираат во преговарачката рамка за да се зависни од неа и би можеле овој период да го компензираме и со дел од преговарачкиот процес, а сепак додека разговараме со Бугарија да изнајдеме решение“,
изјави Османи во интервјуто дадено по турнејата во Романија, Чешка, Унгарија и Австрија.
Прашан „дали сè уште се прават обиди за надминување на проблемот со Бугарија во блиска иднина, со оглед на впечатокот од изјавите и настапите на премиерот Заев, кој како да крева раце, барем во оваа фаза“, шефот на дипломатија рече дека не се менува пристапот, туку календарот.
„Нашиот календар имаше краен рок – декември за отворање на преговорите. Бидејќи не успеа, сега се наметнува друг календар на кој, најверојатно, ќе влијае периодот на избори во Република Бугарија, така што, така треба да се наметне и нашата динамика, со тоа што ние продолжуваме, се обидуваме да го искористиме секој ден за да ги надминеме разликите. Немаме алтернатива за добри меѓусоседски односи, немаме алтернатива за патот кон ЕУ, така што ние ќе се фокусираме на две прашања: продолжување на реформите, никако ова не смее да влијае на некое забавување на реформите и нашата посветеност кон европскиот пат, и потребата од добри меѓусоседски односи кои не се само додадена вредност, туку се важно прашање во процесот на проширување. Така што ќе продолжиме да комуницираме, не знам колку во услови на предизборен период политичарите можат да донесат одлуки, меѓутоа ние треба да бидеме подготвени и за сега и за после изборите“,
вели Османи во интервјуто емитувано во синоќешното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.