И нашата влада на седница вчеравечер одлучи да забрани летови до земјава од Велика Британија и Северна Ирска до крајот на 2020 година
Повеќе од 40 земји привремено ги затворија границите за стоки и патници од Велика Британија, откажувајќи ги летовите од таа земја поради брзото ширење на новиот вид коронавирус.
Франција ја затвори границата со Велика Британија на 48 часа. Камионите и траектите од Довер не смеат да сообраќаат. Би-би-си, повикувајќи се на францускиот министер за европски прашања Климент Бин, јави дека Велика Британија и Франција ќе објават договор за повторно воспоставување на товарниот сообраќај до среда.
„Во последните 24 часа постојано разговаравме со нашите француски колеги за низа прашања, а ќе продолжиме и денеска“,
изјави британската министерка за внатрешни работи Прити Пател.
На прашањето дали може да се очекува решение денеска, Пател рече дека се работи на тоа, затоа што „во интерес на двете земји е да се обезбеди непречен проток“.
Објавата на Лондон за појава на нов, позаразен вид коронавирус предизвика паника во светот погоден од пандемијата на ковид-19 од кој досега починаа околу 1,7 милион луѓе.
Светската здравствена организација денеска се изјасни дека новата мутација на коронавирусот откриена во Велика Британија, која се шири побрзо, не е надвор од контрола и дека ќе се спроведат и нови истражувања за ефикасноста на вакцината против новата варијанта на коронавирусот, иако засега вели дека ништо не упатува дека ќе има разлика во однос на делотворноста.
Информацијата за новата мутација предизвика потрес и на берзите на нафта, при што цените забележаа најголем пад во последните седум недели бидејќи инвеститорите го напуштија пазарот поради заканата дека следува уште поголемо затворање на границите низ цела Европа.