Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното интервју за националниот сервис МРТ1 изјави дека доколку тој дојде на власт, а ситуацијата со Бугарија остане непроменета тогаш би предложил да има нов договор со источниот сосед.
Вакво нешто, како што најави тој, би предложил на следниот редовен конгрес на партијата кој треба да се одржи наредната есен односно после локалните избори.
„Ако до тогаш сценариото остане вакво какво што е, статус-кво, како еден од делегатите ќе излезам и ќе побарам јасна декларација од тој конгрес и заклучок дека ВМРО-ДПМНЕ, ако до тогаш не успееме да го поразиме Заев на парламентарни избори, нема никогаш да преговара за посебноста на македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Доколку нашиот источен сосед продолжи да инсистира на преговори на оваа тема тоа значи дека содржината на овој билатерален Договор е исцрпена и дека тој наместо да нуди иднина, нуди минато и тој за нас како политичка партија ќе биде минато. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе даде предлог и во тој заклучок, да излезе со став дека е потребен нов договор во кој овие работи нема да бидат дел од преговори“,
рече Мицкоски.
Тој зборуваше и за односот на европските политичари и Брисел, за кои рече дека ако стојат на страна тогаш тоа значи дека не споделуваме исти европски вредности.
„Доколку нашите партнери од ЕУ, политичарите, бирократијата која денеска е во Брисел не застане зад европските вредности и зад моето право на моја историја, мој идентитет, на моја антропологија на македонскиот јазик, тоа значи дека во овој момент ние не споделуваме заеднички вредности. Доколку тие сакаат можат да ја убедат Бугарија да ги напушти овие хегемонистички и големодржавни идеи“,
рече Мицкоски.
Во таков случај, порача тој ќе мора да се најде начин Европа да се донесе дома.