Зоран Заев денеска ги повтори истите ветувања со кои дојде на власт во 2017 година. Сето она што го вети дека ќе го реализира во првиот мандат не е реализирано и го ветува и сега, реагираше на прес-конференција Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ откако премиерот денеска го презентираше владиниот план „Акција 21 – европски стандарди дома“.
„Заев го вети Коридорот 8 уште пред да дојде на власт, 4 години немаме никаков напредок на градежните активности на истиот. Заев вети гасификација, 4 години процесот тапка во место, уште не е реализирана ниту примарната гасоводна мрежа, а требаше да се пристапи кон секундарната и терцијарната. Заев вети реформи во судството, а наместо реформи го зароби судството и спроведе невиден политички прогон. Зоран Заев ветуваше чист воздух веднаш, 4 години подоцна додека Скопје се гуши, Заев ветува чист воздух повторно. Заев вети еколошки транспорт во Скопје, 4 години ништо не направи. Заев вети бесплатно здравство, а луѓе преку СМС-пораки сѐ уште собираат донации за лекување, дури и од ковид. Зоран Заев ги даде истите ветувања, со кои ги доби изборите во 2017 година, истите тие ветувања Заев во ново пакување им ги сервира на граѓаните повторно мислејќи дека ќе му ја купат лагата. По плановите 3-6-9, 18, сега имаме и план 21. Само планови, а никаква реализација“,
порача Димитриеска-Кочоска.
Таа обвини дека со новиот буџет наместо граѓаните имаат корист само бизнисите на Заев.
„Заев посветил цела тема од неговата прес-конференција на марихуаната и дополнителни законски решенија и поволности за одгледувачите на медицински канабис, бизнис во кој длабоко е влезено неговото семејство и каде се вртат милиони. Очигледно Заев не гледа подалеку од својот профит, и додека Заеви нижат милиони, народот брои денови за до крај на месец“,
рече таа.
Според Димитриеска-Кочоска, новиот буџетот е гломазен и нереален.
„Го повикувам економскиот тим на Владата да излезе и конкретно проект по проект, износ по износ да објасни каде се наоѓаат сите изнесени лаги во ставките на буџетот за 2021 година. Почитувани граѓани, едно зборуваат, а на хартија друго предвидуваат. Очигледно овие грешни проекции ќе ги преправаат многу брзо со ребаланс и сето тоа на штета на граѓаните“,
рече таа.
