Македонските граѓани на 31 декември 1943 година не си легнаа како Бугари и утрото на 1 јануари 1944 година да се разбудат како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад, се чувствувале Македонци и се чувствуваат Македонци, тоа е нашиот директен одговор.
Ова го кажа премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на последните изјави на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој рече: „Секој што прочитал барем пет страници историја, знае дека Македонците пред ’44 биле Бугари“.
Заев вели дека нема потреба да се испраќа протестна нота бидејќи станува збор за јавна изјава, на која тој јавно одговара.
„Во духот на пријателството, продолжуваме со внимателен наратив, но секако на тоа што нѐ повредува директно реагираме. Ние сме Македонци, ние сме биле Македонци и остануваме Македонци и апсолутно апелирам до пријателска Бугарија, посебно до општествениците и до мојот пријател Красимир Каракачанов, со кој имам навистина пријателски односи, да знаат колку и да е тоа податливо во Бугарија, колку и да не знам како се сфаќа, овде повредува, затоа што повредува некој кога разговара за твоите чувства, тогаш тоа е болно без разлика дали сте во Македонија, Бугарија, Грција, Америка, Пакистан, Русија или каде било“,
рече Заев.
Нагласи дека секој насекаде во светот има право да се определи онака како што се чувствува, и рече дека нашето право на самоопределба е наше суверено право, а нашиот суверенитет Бугарија прва го има признато во светот.
„Прва соседна земја која ја има признато Република Македонија тогаш, сегашна Република Северна Македонија. Јас верувам дека ако се Европејци, европските вредности се навистина почитување на нашето право на идентитет, а тоа е дека сме Македонци, кои зборуваме македонски јазик, а согласно тоа и почитување на нашите права на определба, на нашите корени“,
рече Заев.