Премиерот Зоран Заев порача денеска од Ресен дека тој и премиерот на Бугарија Бојко Борисов треба да имаат предвид што прават со историјата што ја пишуваат сега.
„Што им оставаме на децата и на идните генерации, кои сега чекаат од нас? Дали ќе им оставиме аманет на пријателство, на братство, на заедништво, на европски вредности, на меѓусебно помагање или ќе ги поделиме и разделиме повторно, како во времето на железната завеса“,
истакна Заев.
Тој, како што пренесува МИА, рече дека разговорите со Бугарија продолжуваат, но потенцираше дека за македонскиот идентитет и македонскиот јазик ниту се преговора, ниту се разговара.

Заев истакна дека, иако горчината од блокадата е присутна кај сите нас и разочарувањето е големо, сепак друг пат нема и тоа е патот по кој треба да продолжиме. И продолживме, вели, веднаш со разговори.
Заев потсети дека на 10 декември, при посетата на специјалниот претставник на Владата Владо Бучковски на Бугарија, заедно со државниот секретар Зоран Попов, на властите во Софија им се предадени нови идеи, кои треба да ги разгледаат и се чека повратен одговор од нив.
„Драго ми е што почесто потврдуваат и од бугарската страна дека тие ја прифаќаат реалноста за постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик, затоа што тоа е минимум европско, минимум цивилизациско. И верувам дека така ќе продлжиме. Наша задача е да одиме и да чекориме напред. Верувам дека најбрзо можно ќе се создадат услови за тоа. Ние не се откажуваме, ќе продолиме да работиме. Доаѓа период на празници и за време на празниците веројатно ќе се намалат активностите, но по празниците повторно ќе работиме“,
изјави премиерот Заев.
Коментирајќи го вчерашниот гест на Словачка и на Чешка, Заев нагласи дека му е драго што се уште има „европско во ЕУ“.
„Ова го кажувам малку со горчина, оти, ако некој заслужил да добие поддршка за следниот чекор на патот кон ЕУ, тоа е Северна Македонија, македонскиот народ и сите наши граѓани кои живеат во нашата земја. ЕУ не смее да ги изгуби европските вредности и принципи. Во тој дух, се надевам дека Европа ќе продолжи да го испраќа европскиот сигнал кон нас земјите кандидати за членство во ЕУ, затоа што немаме друга алтернатива, односно како што има кажано во минатото – нема да го изгасне светлото што не води во мракот, за да не бидеме изгубени во мракот, затоа што таа водилка е нашата мотивација за реформите и за да бидеме подобри граѓани, да ја европеизираме државата, да го средиме правосудниот систем, да имаме сила и енергија да градиме објекти за нашите деца, да го осовремениме здравството и уште повеќе да ја подобриме инфраструктурата“,
порача Заев.
Тој изјави дека секојдневно се работи на отстранување на омразата, нагласувајќи дека сака да испрати порака до сите дека Бугарите се наши сосед, наши пријатели.
–