Во врска со данокот на имот, заменик-министерот за финансии рече дека целта е да биде активиран недвижниот имот во С Македонија кој не е активиран моментно
Нови даноци нема да има и стапките кои во моментов се во сила остануваат. Што се однесува до данокот на имот и промените што се предложени и се влезени во собраниска процедура, се работи за намера да биде активиран недвижниот имот во Северна Македонија, кој не е активиран моментно.
Ова го истакна заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, на третиот ден од расправата во Собранието по дополнетиот предлог-буџет за 2021 година, одговарајќи му на пратеник од опозицијата, како што пренесува МИА.
Ковачевски потенцира дека остануваат истите стапки на данокот на недвижен имот, додека оние што имаат неискористен имот повеќе од шест месеци, тогаш тој ќе биде оданочен со стапка на данок на имот трипати поголема.
Појасни дека тоа не се однесува само на станови и куќи, туку и на индустриски објекти кои стојат неискористени и не придонесуваат во економскиот живот.
„Кога патувате, гледате дека има таков имот со кој се имаат стекнато во текот на приватизацијата и каде што се гледа дека е неискористен. Оној што не планира да го искористи и работи ќе плати трипати повеќе данок на имот“,
рече Ковачевски и додаде дека нема да се оданочува имотот што се користи како живеалишта на граѓаните, при што тој се оданочува со половина од пропишаната стапка, нема да се оданочува имотот на оние што работат во странство, но доколку имаат три или четири стана и сите имоти не се издаваат ќе бидат оданочени со поголеми стапки.
Најави дека ќе бидат изработени подзаконски акти и потенцира дека не се работи за воведување нови даноци.