Можеби изгледа чудно да се носат маски и да се почитува растојанието кога сте опкружени со пријатели или семејството, но тоа значително придонесува сите да останете безбедни и здрави, велат од европскиот оддел на СЗО
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека вчера се регистрирани повеќе од 585 000 нови случаи на заразени со коронавирус, со што бројот на заразени достигна 72,19 милиони.
Податоците на СЗО покажуваат дека бројот на смртни случаи се зголемил за 11 400 и надминал 1,63 милион.
Најмногу од новите случаи се во Јужна и Северна Америка – повеќе од 45 проценти од заразените во претходните 24 часа, по што следуваат Европа и Југоисточна Азија.
Најмногу заразени има во САД (16 милиони), потоа Индија 9,9 милиони, а трета земја е Бразил со 6,9 милиони.
Поради и натаму лошата епидемиолошка состојба во светот, СЗО повика да се носат заштитни маски за време на семејните собири за божикните и новогодишните празници.

Во соопштението на СЗО се наведува дека постои голем ризик од нов бран на епидемија на коронавирус во Европа на почетокот на следната година, бидејќи стапката на пренесување на вирусот е сè уште голема.
Реакцијата на СЗО е откако статистиката за земјите ширум Европа покажува илјадници нови случаи на инфекција со коронавирус и стотици смртни случаи дневно.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека употребата на првата вакцина против ковид-19 во ЕУ ќе биде одобрена во рок од седум дена. Во обраќањето пред Европскиот парламент, таа рече дека вакцината изработена од компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“ ќе се користи во ЕУ седум дена порано од првично планираното.
Регионалната канцеларија на СЗО за Европа објави дека собирите на роднини и пријатели за време на празниците претставуваат голем ризик од брзото ширење на инфекцијата.
Во соопштението се посочува дека семејните собири, доколку е можно, треба да се организираат на отворено, а ако се во затворен простор, треба да се носат маски и да се почитуваат правилата за физичко растојание.

„Можеби изгледа чудно да се носат маски и да се почитува растојанието кога сте опкружени со пријатели или семејството, но тоа значително придонесува сите да останете безбедни и здрави“,
посочуваат од Европскиот оддел на СЗО.
СЗО исто така повикува да се избегнуваат метежи во јавниот превоз, а земјите со скијачки центри да преземат мерки за да се избегнат метежите во текот на ски-сезоната.
