Министерот за економија Крешник Бектеши ја повика Управата за јавни приходи да поднесе кривични пријави за сите фирми што ја злоупотребиле државната помош, односно зеле пари за субвенции на плати, а не им ги исплатиле на вработените.
„Целта на мерките е зачувување на работните места и поддршка на стопанствениците. Ние како влада ќе ги поддржуваме тие што ги исполнуваат условите и сите што имаат потреба и ќе покажат дека биле погодени од пандемијата, затоа се предвидени и одредби во случај да не се испочитуваат условите. Има и одредба каде што се предвидени казни од 500 до 10 000 евра, би сакал да ја повикам и УЈП да поднесе кривични пријави за сите тие што се обидуваат да ги злоупотребат средствата што се даваат од страна на Владата. Ние и јавно ги објавивме тие компании, а ќе следат и дополнителни казни согласно законот“,
вели Бектеши.
УЈП пред два дена информираше дека 179 работодавачи добиле финансиска поддршка за исплата на плата на вработените за октомври, во рамки на четвртиот пакет мерки, а не им ја исплатиле платата на вработените. Станува збор за износ од 5 271 776 денари кои требало да им бидат исплатени на 338 работници.
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, рече дека ќе следуваат опомени, па присилна наплата, но и барање за кривична одговорност.
Од Сојузот на синдикати на Македонија, пак, вчера посочија дека едни исти фирми повторно го изиграа системот и ги злоупотребија субвенциите и критикуваа зошто системот го дозволил тоа. Тие побараа и Управата за јавни приходи блокираните средства да ги прераспредели на сметките на оштетените работници за плата.
УЈП при крајот на јули информираше дека 708 компании, за април и мај зеле околу 385 000 евра од државата за субвенции на платите, но не им ги исплатиле на нивните вработени.
Од Владата тогаш најавија дека ќе побараат Обвинителството да покрене постапка за утврдување кривична одговорност против одговорните лица во компаниите.
